Во очекување на денешната одлука на Европската комисија за отворање на границите за трети земји од 1 јули, се помали се шансите тоа да важи и за граѓаните на Република Македонија. Бројките се далеку над просекот во ЕУ.
Со просек од над 100 новозаразени на 100,000 жители во последните две недели во земјата, на македонските граѓани им останува мала надеж дека ЕУ ќе ги отвори границите за нив од 1 јули годинава.
Европската комисија се уште работи на критериумите и препораките за отворање на границите на ЕУ од 1 јули годинава и одредувањето кои држави ги исполнуваат.
Одлуката треба да биде донесена утре.
На состанокот одржан во средата било договорено дека важен критериум треба да биде бројот на нови инфекции на 100 илјади жители во претходните две недели.
Но крајната граница досега не е цврсто утврдена, иако начелно се разговарало за нејзино поставување на 16 новозаразени на 100,000 жители- што во моментов е просекот во ЕУ. Другите критериуми би ги опфаќале трендовите на зголемување или намалување на бројот на заразените, како и мерките и способноста на здравствените системи во трети држави да се справуваат со епидемијата.
Растот на бројот на новозаразените од Ковид-19 во изминатите недели ги става во опасност сите земји од Западниот Балкан, и особено Република Македонија.
Република Македонија според критериумот на ЕУ би била во групата земји заедно со САД и Русија каде се забележани меѓу 60 и 120 случаи во просек на две недели. Во земјата во моментов има над 3,000 активни случаи на Ковид-19.
Тоа го потврдува и дневната анализа која ја објавува Европската комисија, како и Европскиот центар за превенција и контрола на болести.
Според овие податоци, Македонија во последните две недели, заклучно со 25 јуни, има просек од 106 новозаразени на 100,000 жители. Меѓу земјите од Западниот Балкан на второ место е Косово со просек од 50, следуваат БиХ и Албанија со по 28, Србија со 18 и Црна Гора со 10 случаи на 100,000 жители.
Пред неколку недели Европската комисија експлицитно најави дека планира од 1 јули да ги отвори границите за граѓаните од Западниот Балкан. Тоа преку Твитер го потврди и комесарот за проширување Оливер Вархеји, но тогаш бројките беа далеку пониски во целиот регион.
Освен некои држави од Западниот Балкан, забраната за влез во ЕУ веројатно ќе ги зафати и граѓаните на САД, Русија и Бразил.
Извор: Dw.com