Се отвораат аеродромите во Македонија

Точно една недела од денеска, на 1 јули, ќе се отворат двата меѓународни аеродроми во Република Македонија, во Скопје и Охрид, но засега нема најава кога ќе полета и првиот авион.

ТАВ Македонија денеска информираше за протоколите по кои ќе се одвива приемот на патници и мерките кои се преземаат за нивна контрола и заштита.

„Она што е најважно за патниците е следното – да пристигнат на аеродромите најмалку 3 часа пред нивниот лет, да стават заштитна маска пред да влезат во терминалната зграда на аеродромот, да ги дезинфицираат обувките и рацете на самиот влез во зградата и постојано да одржуваат физичко растојание”, вели генералниот директор на ТАВ Алпер Ерсој.

Патувањето со авион во следниот период ќе се одвива со посебен режим за патниците кои ќе мора да пристигнуваат на аеродромите 3 часа пред летот и да следат строги хигиенски протоколи. 

Во аеродромската зграда во иднина ќе можат да влегуваат само патниците. Семејствата и пријателите ќе мора да останат пред објектот. Дали некој патник ќе може да отпатува на посакуваната дестинација ќе одлучува скенирањето со термална камера кое треба да покаже дали има зголемена телесна температура. За да се избегнат турканици на шалтерите, од ТАВ препорачуваат сите патници да ги користат онлајн услугите за регистрација на патници и багаж.
Скопскиот и охридскиот аеродром се затворени за патнички летови од 19, односно 16 март годинава. Најавата за нивно повторно отворање не значи дека од истиот ден ќе започнат и летовите. Кога повторно ќе започнат авионските линии зависи од авиокомпаниите како и од земјите до чии дестинации се лета.

Според најавите, Европската комисија ќе препорача отворање на границите на ЕУ за туристички патувања од Република Македонија од 1 јули годинава. 

Извор: Dw.com

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија