Делегацијата на Европската Унија во Скопје ја прогласи македонската ликовна уметница и планинарка, Илина Арсова за „Европска жена на годината“.
Таа беше претставена од германската амбасадорка, Анке Холштајн. Освен Арсова, во изборот учествуваа и докторката Маја Мојсова-Мијовска – претставена од амбасадорката на Хрватска, Нивес Тигањ; претприемачката Наталија Бургиева – претставена од амбасадорот на Европска Унија, Дејвид Гир; режисерката Дина Дума – претставена од амбасадорката на Шведска, Кристин Форсгрен Бенгтсон; директорката на Националната галерија Дита Старова Ќерими – претставена од амбасадорката на Романија, Моника Аксинте.
Нејзиниот партнер, актерот и шоумен Игор Џамбазов не криеше задоволството од оваа вест, велејќи дека таа секогаш ќе биде светска жена за него.
„Мојата единствена жена, стана ‘Европска жена на годината’. Честитки, љубов моја. За мене секогаш ќе си светска жена“, напиша Џамбазов на својот профил на Инстаграм.