Поради големата заинтересираност за огласот објавен од Qatar Airways, во прилог објавуваме статија со совети како да се спремите за интервју, што да очекувате и кои се препораките од стјуардесите кои веќе имаат повеќегодишно искуство во оваа работа.
Да се биде стјуардеса е сон на многу млади девојки. Илјадници девојки се пријавуваат на огласите поставени од авиокомпаниите, сонувајќи за тоа да го прошетаат светот. За да аплицирате за ова работно место, основните барања кои треба да ги исполнувате се следните – да ја имате потребната висина и досег со рацете, да имате одлично познавање на англиски јазик и завршено средно училиште, како и да имате минимум 21 година. Но, сметајте дека треба да бидете и многу љубезни, трпеливи, толерантни, постојано насмеани и спремни да реагирате во секакви кризни ситуации.
Наташа Нота повеќе од 10 години работи за авиокомпанијата Emirates Airlines, со седиште во Дубаи.
„Работата е добро платена, од неа може нормално да се живее. Престојуваме во хотели со 5 ѕвезди и сите трошоци ни се подмирени – превозот од аеродромот до хотелот, престојот во хотели, а добиваме и дневници во валутите според тоа во која земја се наоѓаме. Но, во текот на еден работен ден, поминуваме измеѓу 8 и 22 часа во авион, во зависност од тоа каде патуваме. Доста време поминуваме на нога, многу се движиме и мораме постојано да бидеме насмеани, без разлика на тоа што ни се случува приватно.“
Како треба да го негувате изгледот:
„Постои одредена граница кога е во прашање изгледот на стјуардесите“ – вели Наташа. „Ако случајно се здебелите и пречекорите одредена тежина, ќе добиете опомена од страна на компанијата. Секоја авиокомпанија има вработено и фитнес интруктори, како и нутриционисти, па во тој случај ќе добиете помош од нив. Исто така, во секој хотел во кој престојуваме има тератана, базен, па тоа ни помага да ја задржиме кондицијата. Покрај килограмите, постојат и определени правила кога е шминката и фризурата во прашање. Во текот на работното време, мораме да носиме исклучиво црвен кармин, сенки со земјени тонови и црвен или безбоен лак на ноктите. Косата секогаш мора да биде собрана во пунџа. Во текот на самите обуки, имаме и часови за тоа како да се нашминкаме и сами да си направиме фризура.“
Како да се облечете за интервјуто – што Ви советуваат стјуардесите:
„Многу е важно каков ќе биде првичниот впечаток кој ќе го оставите на самото интервју. Досега сум видела многу девојки кои доаѓаат со непристојна облека или нападна шминка. Сепак, сметајте на тоа дека конкурирате за стјуардеса, и морате да запазувате одреден дрес код. Наша препорака е да облечете црна сукња до колена, значи да не биде предолга, но да не биде ни прекратка. Сукњата искомбинирајте ја со бела кошула и црно сако. Како стјуардеса секогаш ќе носите штикли, па можете слободно да облечете црни салонки за интервјуто, но не мора да бидат на многу голема штикла. Пожелно е косата да ви биде собрана во пунџа. Шминката не треба да ви биде пренападна, но црвениот кармин е задолжителен. Избегнувајте накит, освен ако не е минималистички. Сепак, не заборавајте да носите часовник. Исто така, пожелно е да немате тетоважа или пирсинг на видливо место. А маникирот треба да ви биде уреден.“
Интервјуто се врши исклучиво на англиски, така што мора да бидете спремни течно и јасно да зборувате. Треба да делувате самоуверено, да ги убедите дека навистина сакате да работите како стјуардеса и дека сте спремни на сите предности и недостатоци кои доаѓаат со оваа работа.
Ви посакуваме многу среќа!