Во повеќе европски земји се распламтува борбата против загадувањето од сообраќајот и се воведуваат мерки за ограничување на употребата на возила што придонесуваат кон емисија на загадувачки супстанции на локално и државно ниво. Еден од поновите примери за тоа е Минхен, главниот град на Баварија, каде што веќе наголемо се забранува движење на возилата загадувачи во одредени делови од градот.
На тој начин, голем број Германци се принудени да ги заменат старите возила со понови и ги продаваат со пониски цени. Според нашите информации, поради ова Македонци навалиле на половни германски автомобили, па се споделуваат информации, интернет-страници и онлајн излози за да се купи нешто оттаму. Анализиравме какви автомобили се нудат.
Се најавува забрана и за дизел-возилата со стандард еуро 5
Главниот град на Баварија веќе извесен период спроведува рестриктивна политика за намалување на штетните гасови од сообраќајот. Пакетот мерки се спроведува чекор по чекор. Определена е таканаречена активна зона во градот, каде што е истакнато дека емисијата на штетни гасови не смее да надминува одредена граница. Од 1 февруари годинава, на сите возила со дизел-мотори од класата на емисии до стандардот еуро 4 веќе не им е дозволено да влегуваат на улиците во внатрешноста и на одредени сообраќајни прстени.
Локалните власти најавија дека доколку нивото на загадување не се намали во првите неколку месеци од спроведувањето на забраната, Минхен планира дополнително заострување на мерките, со тоа што од октомври 2023 година ќе бидат забранети и дизел-возилата од класата еуро 5. Засега од мерките се исклучени жителите, доставувачите и деловните оператори, но од 1 април 2024 година тие исто така ќе мора да подлежат на новите правила за дизел-возилата.
Македонската влада уште на почетокот на 2021 година вети дека ќе забрани увоз на употребувани возила што се под стандардот еуро 5 на емисија на издувни гасови, но тоа беше одложено така што до денес сè уште е дозволен увоз на возила постари од десет години. Со одложувањето на забраната за увоз под стандардот еуро 5 беше одложена и најавената мерка за воведување еколошки етикети за сите возила во земјава.
Што се нуди на продажба во Минхен?
Преку една од најпознатите германски веб-страници за купување возила mobile.de, која е најпопуларна меѓу нашите граѓани, побаравме какви автомобили се нудaт на продажба во Минхен и во неговата блиска околина. Главни параметри по кои пребарувавме беа возилото да е произведено меѓу 2005 и 2020 година, да има дизел-мотор и да чини меѓу 2.000 и 10.000 евра. Сајтот во тој момент нудеше над 4.800 возила во рамките на овие параметри.
Меѓу најмногубројните што се нудат се автомобилите „фолксваген голф“. Така, „голф“ со дизел-мотор произведен во 2010 година и поминати 126.000 километри се продава за 7.950 евра.
„Фолксваген поло“ со турбодизел-мотор од 1.200 кубика, произведен во 2012 година и со поминати 157.000 километри, се продава по цена од 5.690 евра.
Голема понуда има и од повисоките класи автомобили. За пример, на продажба се нуди „мерцедес“ до дизел-мотор произведен во 2006 година и поминати 142.000 километри, по цена од 6.699 евра.
„БМВ 525“ со дизел-мотор произведен во 2010 година, со поминати 217.000 километри, се нуди по цена од 7.450 евра.
Меѓу поновите возила со стандард еуро 5 што се нудат на продажба може да се најдат различни брендови по цени што зависат од годината на производство и од изминатите километри. Така, „ауди А6“ со дизел-мотор произведено во 2014 година се нуди по цена од 18.450 евра.
„Мерцедес ГЛК 350“ од 2014 година, со поминати 150.000 километри, се продава по цена од 21.980 евра.
„Фолксваген туран“ од 2012 година, со поминати 115.800 километри, се продава за 17.490 евра.
Разбирливо, ова се цени на автомобилите во Германија, кои се зголемуваат со трошоците за транспорт и данок. Основица за пресметување на данокот на моторни возила е износот на просечната емисија на јаглерод диоксид (CO2), изразена во грамови по километар, во зависност од видот на погонското гориво и царинската вредност на моторното возило, утврдена во согласност со царинските прописи, зголемена за износот на царината. Во царинската вредност се вклучуваат и транспортните трошоци и трошоците за осигурување, доколку ги има.