Марко Божиновски ќе живее вечно – формирана фондација за помош на младите спортисти во Македонија

Марко Божиновски е младиот ракометар кој прерано не напушти на само 20-годишна возраст, а во негова чест семејството Божиновски формираше фондација „Марко Божиновски 9“ која во иднина ќе се заложува за помагање на спортот во Македонија со посебен акцент на младите спортисти.

Името на Марко Божиновски веќе го носи спортскиот центар во Ново Лисиче. Во реновирањето на поранешната „дупка“ учествуваше општина Аеродром, меѓутоа и самото семејство преку оваа фондација, тоа воедно е и првиот поголем чекор на фондацијата.

Идејата за фондацијата се реализирала на почетокот на 2022 година и во иднина семејството Божиновски преку оваа фондација ќе помага млади спортисти со вложување во подобри услови, доделување стипендии, развојот на талентите, подобрување на условите…

Следниот поголем чекор ќе биде одржувањето на турнир за играчи до 18 години кој ќе го носи името „Марко Божиновски 9“. Турнирот ќе се одржи токму во реновираниот спортски центар во Ново Лисиче.

„Турнирот сега го организираме за првпат, а во иднина планираме да биде меморијален кој ќе се одржува секоја година. Дефинитивно во иднина фондацијата ќе помага на младите спортисти преку разни стипендии, подобрување на условите, кампови…“, ни изјави основачот на организацијата, Ристе Божиновски.

Турнирот ќе се одржи од 9 до 12 јуни, а на него ќе учествуваат осум клубови од четири држави – Словенија, Унгарија, Хрватска и Македонија.

Веќе е пуштена во употреба и веб страната на фондацијата преку која ќе можете да се информирате за активностите. Линк до веб страната ТУКА.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија