1. Не е потребен бугарски пасош
Од високо развиените европски земји, единствено Норвешка и Швајцарија не се дел од ЕУ. Затоа во овие две земји важат поинакви правила. Единствениот начин на добивање работна виза со македонски пасош, е договор за работа во Вашата струка, каде Вашиот работодавец пред полицијата ќе гарантира за Вас. Вашиот работодавец треба да биде дел од целата процедура на аплицирање за работната виза. Освен тоа, добиениот договор треба да биде во висина од 35.000 евра годишна плата без данок. Доколку се исполнат овие услови, постои можност за повлекување на целото семејство во Норвешка со така наречената family-reunion виза.
2. Инжењери, медицински сестри, лекари и наставници се најдефицитарни кадри
Норвешка како земја богата со нафта, најмногу има потреба од инжењери, особено како високо-квалификуван кадар. Исто така барани се и медицинските сестри, лекарите и наставниците, кои за разлика од инжењерите, мораат да имаат големи познавања од норвешкиот јазик. Тоа значи положен 3 степен норвешки јазик за медицинските лица и положен Бергенс тест за наставниците, кој впрочем е највисокото ниво на познавање на норвешки. Келнерите и готвачите котираат најниско на скалата на вреднување, бидејќи во Норвешка има многу Швеѓани, Пољаци и Шпанци кои ги покриваат овие побарувања.
3. Просечната плата изнесува 4.500 евра
Просечната плата во оваа скандинавска земја е една од највисоките во Европа, па и во светот. Така просечната плата во Норвешка во моментов е околу 36.700 норвешки круни (NOK), односно 4.384 евра. Сепак, треба да се земе предвид дека данокот во Норвешка е прогресивен, па за тие кои заработуваат многу, плаќаат и голем данок. На плата од 4500 евра, данокот кој ќе треба да го платите би изнесувал околу 30%. Доколку работите како келнер и имате плата пониска од просечната, сметајте дека би биле платени околу 21 евро на час.
4. Животот во Норвешка е многу скап
Платите се повисоки, но и трошоците се поголеми. Во Норвешка животот е поскап за околу 20% повеќе отколку во Германија. Цените во маркетите се повисоки, превозот е поскап, а освен тоа, значаен дел од платата ќе ја давате за даноци.
5. Норвешки јазик – задолжителен услов
Норвешкиот јазик е многу ценет и баран за било која позиција, па дури и за чистачи. Норвежаните го користат јазикот како одбранбен механизам против големата навала на странци. Доказ за тоа се и многуте сајтови за наоѓање работа во оваа земја, кои се напишани исклучиво на норвешки. Иако поголемиот дел од Норвежаните зборуваат англиски, сепак тоа не значи дека сакаат да го користат овој јазик во секојдневната комуникација. Часовите по норвешки се нудат во голем број школи за јазици и се движат од 300 до 600 евра месечно. Полагањето на испити (ниво 2, 3 и Бергенс тест) се наплатува по цена од 150 евра. Вакви часови нудат и неколку Центри за јазици низ Македонија.
6. Не е едноставно да се најде сместување
Норвежаните се плашат од странци, па за изнајување стан можно е да ви бараат договори за работа и висина на плати, а во некои случаи и извештај за платен данок во изминатата година. Соба во стан во Осло каде се делат кујна и купатило со цимери, ќе ве чини најмалку 500 евра. Стан од 40тина квадрати е околу 1300 евра. Во двата случаи трошоците за струја, загревање, интернет и телевизија не се вклучени.
Во прилог Ви нудиме неколку безбедни сајтови преку кои можете да аплицирате за работа: