Според новиот закон усвоен во јуни минатата година, странците кои сакаат да поднесат барање на швајцарско државјанство, наместо 12, ќе треба да живеат во оваа држава најмалку 10 години. Но, и покрај оваа измена, швајцарскиот пасош останува меѓу оние кои најтешко се добиваат.
По долгата дебата, Претставничкиот дом го изгласа овој закон со 135 гласа „за“ и 60 гласа „против“. Според министерката за правда, Симонета Сомаруга, целна група на натурализацијата треба да бидат луѓе кои се најдобро интегрирани во швајцарското општество. „Постојат странци кои се многу добро интегрирани во нашето општество по пет години, а има и такви кои не се, па дури и по неколку децении поминати тука. Во иднина, доделувањето на државјанство не треба да зависи од тоа колку долго некое лице живеело во Швајцарија.“
Од таа причина, Кабинетот предложи уште едно намалување на рокот, овојпат на 8 години. Иако Сенатот го поддржа овој предлог, Претставничкиот дом не даде зелено светло.
На крајот, рокот од десет години беше изгласан како компромис. Сепак, Швајцарија сè уште останува меѓу европските држави со најдолг рок за добивање државјанство по пат на натурализација, заедно со Италија и Австрија.
Друга контроверзна точка за која се дискутираше, беше дали годините поминати во Швајцарија за категорија како бегалците или барателите на азил, треба да се сметаат во рокот. Конечната одлука беше дека половина од овие години можат да се сметаат за вкупниот број.
По изгласување на законот, партиите на левицата изјавија дека условите за натурализација и онака веќе беа премногу строги, а Партијата на зелените се изјаснија дека се против отежнување на постапката за младите луѓе да станат швајцарски државјани.
Социјалдемократот Силвија Шенкер изјави дека новиот закон значи дека само совршениот Швајцарец може да добие швајцарски пасош. „Странците кои живеат во Швајцарија се дел од нашето општество, тие живеат и работат тука, исто како нас.“
Дури и со новите реформи, Швајцарија и понатаму останува меѓу најстрогите земји во Европа, во однос на условите за добивање државјанство. Само уште шест други држави, како Италија, Шпанија и Австрија, бараат престој во времетраење од десет години. Германија, Полска, Словачка, Унгарија и Романија бараат осум години, Норвешка и Грција седум, а Португалија шест. Додека пак во Франција, Велика Британија, Холандија, Белгија, Шведска и Чешка условот за добивање државјанство е престој во времетраење од пет години.
Новите измени во швајцарскиот закон за државјанство ќе стапат на сила во 2016 година.