Од следната година родителите во Германија ќе добиваат повисок детски додаток, објави федералната влада и го нарече тој потег „најголемото зголемување на детскиот додаток во историјата“, пренесуваат германските медиуми.
Родителите ќе добиваат по 250 евра за секое дете, без разлика дали е прво, второ, трето или четврто родено во семејството. Тоа значи дека за првите две деца во семејството месечниот надоместок ќе се зголеми од 219 на 250 евра по дете. За трето дете, месечниот износ се зголемува од 225 на 250 евра, а за четврто и за секое наредно дете веќе е 250 евра и останува ист.
Детскиот додаток, таканаречен „киндергелд“, опфаќа 16,8 милиони деца во Германија, додека во Хрватска, на пример, го добиваат околу 250.000 деца, а пред 20 години имало повеќе од половина милион.
Во Хрватска, а и во повеќето земји од регионов, детскиот додаток е всушност социјална помош само за семејства со многу ниски месечни примања.
Што се однесува до некои други европски земји кои исто така имаат универзален детски додаток, на пример, Ирска плаќа по 140 евра месечно за секое дете, малите Швеѓани добиваат 123 евра месечно, а во Австрија сите деца до 3 години добиваат 114 евра, децата до 9 години 121 евро, а постари од 10 до 18 години 141 евро.
Во Холандија, во зависност од возраста на децата, додатокот е 223 евра за деца до 5 години, а највисокиот е 319 евра за деца од 12 до 17 години.