Мнозинството Германци веруваат дека повеќе не вреди да се работи со оглед на зголемувањето на државните субвенции, покажува истражувањето на јавното мислење објавено во вторникот.
Според истражувањето на институтот ИНСА за дневниот весник „Билд“, 52 отсто од испитаниците сметаат дека работата не вреди, 40 отсто го мислат спротивното, а осум отсто одбиле да одговорат на прашањето.
Во понеделникот, веста дека магационер од Бад Ојнхаузен во западна Германија дал отказ откако дознал за најновото зголемување на бенефициите за невработеност го привлече вниманието на јавноста.
Според најновата одлука на Владата, од 1 јануари 2024 година оваа помош ќе се зголеми за 61 евро и ќе изнесува 563 евра месечно за самец. На тоа треба да се додаде фактот дека државата ги покрива сите трошоци за домување и здравствено осигурување за примателите на помош.
Магационерот кој дал отказ, тврди дека со малку „работа на црно“ и државна помош може да заработува повеќе месечно отколку на работа.
Весникот Билд пресметал дека вработен кој работи за минимална саатница (моментално 13,90 евра) заработува околу 2.000 евра бруто, а по одбивањата за даноци, пензиско и здравствено осигурување и по плаќањето кирија и комуналии му остануваат околу 600 евра , нешто повеќе од бенефициите за невработеност.
Повеќето од оние кои мислат дека одењето на работа повеќе не вреди се гласачи на десничарската популистичка Алтернатива за Германија (AfD). Гласачите на партиите од владејачката коалиција, Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Зелените и Либерално-демократската партија (ФДП) сметаат дека работата вреди.
Министерот за финансии Кристијан Линднер минатата недела рече дека бенефициите не треба да делуваат како дестимулација за оние кои сакаат да работат. „Најдобар начин за излез од сиромаштијата е да се биде вработен“, рече Линднер.
Претседателот на најголемата опозициска партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Фридрих Мерц изјави дека оние што ќе одат на работа на крајот на месецот мора да имаат повеќе во џебот од оние што добиваат државна поддршка.