Како au pair во Холандија можете да работите во период од 1 година максимум, со цел подобро да ја запознаете холандската култура и општество. Барањата од Вас се стандардните како и за секоја држава – Ваша задача е да се грижите за децата во семејството каде што ќе престојувате, како и да им помагате околу домашните обврски.
За да дојдете во Холандија, ќе Ви биде потребна дозвола за престој (MVV). MVV е виза која се издава за престој подолг од 90 дена. Само призната au pair агенција може да поднесе барање во Ваше име како au pair. Со законските измени од 2011, аu Pair aгенциите стануваат овластени спонзори. Спонзорот поднесува барање за MVV и за дозвола за престој во исто време. Ова се нарекува постапка за влез и престој (TEV постапка).
Не секој има потреба од MVV за да влезе во Холандија. Доколку е таков случајот, спонзорот поднесува само барање за дозвола за престој, а тоа може да го стори додека сè уште не сте во Холандија.
Услови
Доколку сакате да останете во Холандија и да работите како au pair, Вие треба да ги исполнувате следниве услови:
– да имате важечка патна исправа (на пример, пасош);
– да не сте ризик за јавниот ред или националната безбедност;
– да сте подготвени да го направите тестот за туберкулоза веднаш по пристигнувањето во Холандија (забелешка: некои националности се ослободени од оваа обврска);
– да не сте престојувале во Холандија илегално;
– да не сте дале лажни податоци во Вашата апликација;
– во времето на поднесување на барањето за дозвола за престој, да сте имале најмалку 18 години, но помалку од 31;
– да не сте престојувале во Холандија претходно како дел од програма за размена;
– да бидете регистрирани во Municipal Personal Records Database (BRP) на истата адреса како семејство;
– да престојувате во семејство кое се состои од 2 или повеќе членови за кои не сте работеле претходно (во странство);
– да помагате во извршување на домашните задачи во период од 8 часа дневно максимум, а најмногу 30 часа неделно; да имате барем 2 дена слободни неделно; притоа, немате дозвола за вршење работи за лица кои бараат специјализиран нега и посебни вештини.
Вие и Вашето семејство треба да изготвите и потпишете дневен распоред на обврските за кој и двајцата се согласувате.
Трошоци
Постапката за добивање TeV или дозвола за престој чини пари. Таксите треба да ги плати au pair агенцијата по поднесување на барањето. Сепак, имајте предвид дека агенцијата плаќа за обработка на апликација, но не за дозволата за престој. Доколку Вашата апликација е одбиена, не постои можност за рефундирање на средствата. Трошоците за документи се разликуваат во секоја земја. Холандската амбасада или конзулат во Вашата земја на потекло или земјата на континуиран престој, може да Ви наплати некои дополнителни трошоци.
Валидност на дозвола за престој
Дозволата за престој се издава за максимум 1 година. Периодот на важност на дозволата не може да се продолжи. На самиот документ ги пишува Вашите лични податоци, заедно со други информации како што се Вашиот V-број, целта на престојот, како и периодот во кој важи дозволата. Во документот исто така се наведува статусот на Вашето вработување (arbeidsmarktaantekening). Овој статус Ви кажува дали и под кои услови ќе имате право да работите.
Незаконски престој
Доколку Вашата дозвола за престој не е валидни и не сте аплицирале за продолжување или промена на целта на престојот, тогаш во Холандија престојувате нелегално. Затоа треба да ја напуштите државата што е можно поскоро.
Забрана за влез
Ако сте престојувале во Холандија нелегално, ќе се соочите со ризик да Ви биде издадена забрана за влез во Шенген зоната.