Германија и оваа година се вброи меѓу трите најатрактивни дестинации за странските студенти, веднаш после САД и Велика Британија.
Во 2014 година, бројот на странски студенти во Германија достигна до 300.000, според што секој десети студент во оваа држава е странец.
Од вкупно 301.350 странски студенти, речиси половина доаѓаат од другите европски земји, меѓу кои најбројни се Русите. Но, и бројот на азиските студенти драстично се зголемува, меѓу кои има најмногу Кинези и Индијци.
Според истражувањето, најмногу од странските студенти студираат на техничките факултети, за да добијат можност да останат во Германија која има недостиг на ваков кадар. Германската влада неодамна одвои 10 милијарди евра за инвестирање во високото образование во наредните 5 години.
Покрај многуте странски студенти, интересно е тоа што дури 37 проценти од Германците заминуваат да студираат во странство преку Еразмус програмата. Сепак, ваквото студирање е најчесто програма за размена на студенти, при која Германците се стекнуваат со нови вештини, искуства и јазици. Поради тоа, германската влада ја промовира оваа програма и се надева дека дури 50% од сите германски студенти ќе го имаат тоа искуство, по што ќе се вратат и ќе работат во Германија.