Амбасадорката на Македонија во Шведска, Мира Ивановска-Крајациќ и претставничката на групата „Македонски амбасадори во Шведска“ Благица Димеска, се сретнаа во Стокхолм и разговарааа за процесот за признавањето на македонските возачки дозволи, постапка која е во тек.
Групата „Македонски амбасадори во Шведска“ е активна три години и се занимава со консултативни прашања и давање на насоки за легално регулирање на престој по основ на работа во Шведска за сите новодојдени граѓани од Македонија. Активностите на групата се засноваат на најблагородните и универзални принципи на отвореност, демократија, еднаквост, недискриминација од било која природа, разбирање, заедништво како и интерес за заеднички проекти кои ќе придонесат за поголема еманципација на колективната свест во интерес на македонските граѓани во Шведска. Групата е отворена и ги штити интересите на сите граѓани од Македонија, подеднакво, без разлика на верска, национална и политичка определба.
– Јас како администратор и мојата соработничка Ивана Ристова која е и модератор на групата се залагаме за конструктивна соработка со членовите на групата како и за одржување на кохезијата во интерперсоналната комуникација во и надвор од групата. Чест ни е и задоволство да се пофалиме дека оваа група е група на честити луѓе, интелектуалци и пред се хуманисти. Во изминатиов период реализиравме донации на лична и приватна иницијатива за помош на болни и егзистенцијално загрозени случаи. Пораката од амбасадорката е дека амбасадата е наш дом каде сите се добредојдени за соработка и дружба во насока на создавање цврсти релации меѓу нас како дијаспора со матичната земја, вели Димеска.
Меѓу другото, на средбата било отворено прашањето за регистрирање на групата Македонски Амбасадори во Шведска како асоцијација со три главни седишта во Стокхолм, Малме, Гетеборг преку која ќе може да се реализираат проекти од образование, култура, со акцент на зачувување и негување на македонскиот јазик, организација на спортски клубови, играорни групи, клубови за иновации и креативност, решавање на црковното прашање во Стокхолм како и создавање на пријателства меѓу децата.
-Прашањето за регулирање т.е признавање на македонското здравствено, социјално и пензиско осигурување наиде на позитивна реакција од страна на амбасадорката. Ова е битен елемент да се олесни добивањето на жителство на граѓаните кои аплицираат за работа исклучиво со македонско државјанство и македонски пасош. Сметаме дека приближувањето кон Европа може многу полесно да се реализира со меѓусебна соработка со земјата домаќин, во конкретниов случај тоа е Шведска. Целта е преку заеднички интегративни процеси, а не одлив на умови, да се возобнови и преструктуира со нови идеи системот во Македонија, а тоа секако ќе има придонес во подобрување на квалитетот и стандардот за животните потреби на македонските граѓани, додаде Димеска.
За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Шведска