Повторно рестрикции за луѓето кои влегуваат во Германија?

Поради растечкото ширење на високо заразната Делта варијанта на коронавирусот, шефот на кабинетот на канцеларката Меркел се залага за поинтензивни контроли за патниците кои доаѓаат од ризичните области.

Хелге Браун, шефот на кабинетот на канцеларката Ангела Меркел, за јавниот сервис АРД и ЦДФ изјави дека не исклучува дополнителни, можеби и задолжителни тестирања, заради запирање на ширењето на Делта сојот на коронавирус.  Тој го оцени за погрешно разбран ставот на владата во однос на заострените правила при патување. „Во никаква форма не се изјаснивме против заострени правила“, изјави Хелге. Германија со двонеделниот карантин за повратниците од областите каде е раширен Делта сојот веќе има построги правила во европски рамки. „Слабата точка е што другите земји во Европа тоа не го прифаќаат“, истакна Хелге.

Во Германија сѐ погласни се барањата за построга контрола на германските туристи кои од одмор се враќаат во земјата. Брзото ширење на Делта мутацијата во Германија е причина поради која сѐ повеќе покраински премиери инстистираат на заострување на правилата во однос на тестовите и карантинот за луѓето кои влегуваат во земјата.

„Контроли по принципот на случајни примероци кои моментно ги спроведува сојузната полиција, не се доволни“, вели берлинскиот градоначалник Михаел Милер. Неговиот колега од Хамбург, Петер Ченчер го критикуваше фактот дека според постојните правила, за повратниците од ризични подрачја е доволен еднократен брз антиген тест за да избегнат карантин:

„Тоа не е сигурно”, изјави Ченчер за весникот „Велт“, додавајќи дека сите повратници од корона-ризични и подрачја со висока инциденца кои не се вакцинирани, автоматски мора да одат во самоизолација, која би можеле да ја прекинат само со негативен ПЦР-тест најрано по пет дена поминати во карантин.

Извор: Dw.com

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија