Швајцарија не само што е една од најскапите држави во светот кога е во прашање изнајмувањето стан, туку и конкуренцијата меѓу заинтересираните кандидати е огромна.
Швајцарскиот весник Berner Zeitung, неодамна објави дека секоја година на Швајцарија и се потребни нови 50.000 станови, поради растечката популација на оваа држава.
Според статистичките податоци, 60% од жителите во Швајцарија живеат во изнајмен стан.
Конкуренцијата за наоѓање стан е огромна, особено ако не сте родени во оваа држава и не го познавате системот. Освен тоа, ако добивате скромна плата, наоѓањето соодветен стан ќе ви биде уште потешко.
Кириите во Женева се рамнат со оние во Њујорк или Париз, додека становите во Цирих држат цена од околу 269 франци по квадратен метар, според неодамнешното истражување на Кредит Свис.
Висина на плата и препораки
Приходот може да биде одлучувачки фактор кога конкурирате за некој стан. Ивон Танер која е газдарица во Цирих, открива дека киријата обично не треба да биде повисока од третина од платата на закупецот, а сопствениците би можеле да бараат депозит до три месеци кирија. Оној кој не заработува многу, не би можел тоа да си го дозволи.
„Треба да најдете начин да се издвоите од другите потенцијални станари. На пример, испратете препораки од претходни сопственици кои ќе потврдат дека секогаш ја плаќате киријата на време“, вели Танер.
Ангажирање на агенција
Доколку неодамна сте дојдени во Швајцарија и не го познавате системот, може да ви помогне агенција за недвижности. Такви агенции можете лесно да најдете во Швајцарија, а тие ќе ви помогнат да најдете стан.
Иван Тан кој доаѓа од Сингапур, се одлучил да побара помош во ваква агенција. „Имав слушнато ужасни приказни за луѓе кои се обидуваат да најдат стан и по 8 месеци. Од друга страна, слушнав и многу препораки за агенциите за недвижности. Освен тоа, во Швајцарија е потешко да најдете стан ако сте доселеник. Затоа се одлучив за тој чекор“, вели Иван.
Агенциите можат да ви помогнат во наоѓањето стан, но сметајте дека тоа ќе ве чини пари. Некои од нив, наплаќаат дури две месечни кирии за оваа услуга.
Според последните истражувања, населението во Швајцарија продолжува да расте со една од највисоките стапки во Европа. Во 2013 година, стапката на пораст на населението беше во висина од 1,3%. Ова предизвикува поголема конкуренција на пазарот на труд, но и тешкотии во наоѓањето живеалиште.
За повеќе вакви и слични теми придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Швајцарија