Германија ќе дава работни дозволи за Балканците

Луѓето од Западен Балкан во иднина би требало полесно да доаѓаат до работа во Германија. Министерката за труд Андреа Налес за „Шпигел“ рече дека на тој начин сака да го прекине „кругот од доаѓање и протерување“.

Германската министерка за труд и социјала Андреа Налес сака на луѓето од Западен Балкан да им обезбеди полесен пристап до германскиот пазар на работа. „Мора да создадеме контингент од работни дозволи за граѓаните на сите шест држави на Западниот Балкан“, изјави Налес во интервју за „Шпигел“. Во период од 5 години би требало во Германија годишно да доаѓаат по 20.000 работници, без оглед на квалификацијата. Тие во Германија би работеле, или би биле примани на обука. „Тоа би била една можност да се прекине кругот од доаѓање и протерување“, вели Налес.

Предуслов за доаѓање би била согласност од Агенцијата за работа и имање конкретно работно место, односно место за обука, со плата која е вообичаена за германски услови. Налес нагласува: „Ние со земји како што е Босна и Херцеговина разговараме за настојувањата да станат дел од ЕУ, а луѓето од овие земји истовремено во Германија може да дојдат само ако бараат азил. Тоа е погрешен пат и го оптоварува системот за азил.“
Истовремено, Налес планира и олеснување за бегалците во делот на т.н. постапка за предност. „Онаму каде што има непотребни пречки тоа правило би требало да биде изоставено“, нагласува министерката. „По тримесечен престој би требало да биде можно тригодишно ставање вон сила на постапката за предност.“ На тој начин Агенцијата за работа би имала капацитети за извршување на други итни задачи, подвлекува Налес.

Во моментов, барател на азил може главно да добие работа само ако за тоа работно место нема кандидати од Германија или друга земја на ЕУ. Налес, сепак, исклучува можност за целосно укинување на ваквата постапка за предност. „Се‘ уште имаме 240.000 млади без работа и еден милион лица кои се невработени долг период. На нив не смееме да заборавиме“, оценува министерката.

 

Извор: dw.de

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија