– Швајцарската Влада објави дека од петок ќе бидат укинати последните преостанати мерки за јавно здравје за справување со Ковид-19, вклучително и задолжителното носење маски во јавниот превоз.
Швајцарската Влада објави дека од петок ќе бидат укинати последните преостанати мерки за јавно здравје за справување со Ковид-19, вклучително и задолжителното носење маски во јавниот превоз, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Проценката за ситуацијата е позитивна. Бројот на заразени паѓа во сите возрасни категории. Состојбата на интензивна нега е стабилна; преоптоварување на болничките капацитети нема“, изјави швајцарскиот министер за внатрешни работи, Ален Берсет, на новинарите во Берн.
„Оние кои сè уште сакаат да носат маска можат слободно да си носат. Мора да имате толеранција и почит.“
Владата укина многу ограничувања на 16 февруари, но бројот на вакцинирани луѓе речиси и не се помести, а случаите не се драстично намалени.
Во средата, 16.462 нови случаи на коронавирусот беа пријавени во Швајцарија, што е намалување за 37 отсто во текот на минатата недела.
Околу 165 луѓе биле примени во болниците, а пациентите со Ковид-19 зафаќале 17,4 отсто од креветите за интензивна нега, при што се пријавени 8 смртни случаи.
Стапките на вакцинација во земјата речиси и не се намалени од јули, а само 70,13 отсто од населението од околу 8,7 милиони примило една вакцина и 69,12 отсто е целосно вакцинирано.
„Не можеме да кажеме дека кризата е завршена, но секако можеме да кажеме дека акутната фаза на кризата е завршена“, рече Берсет.
Тој рече дека здравствените власти купиле доволно вакцини за да го покријат швајцарското население во 2022 и 2023 година доколку е потребно.
Од почетокот на пандемијата, откриено е дека 3,48 милиони луѓе – или 41 отсто од населението е позитивно на Ковид-19, додека околу 13.000 луѓе починале.