Некои луѓе во Швајцарија може да бидат оставени “без никакво државјанство”, во ситуација кога властите ќе ги повлечат швајцарските пасоши под сомнение дека станува збор за “лажни бракови“, објавува швајцарскиот весник “Tages Anzeiger“.
Според швајцарските правила, странски државјанин кој добил швајцарско државјанство преку брак со граѓанин од Швајцарија може да се соочи со одземање на натурализираното државјанство, до осум години по бракот, доколку властите се сомневаат дека бракот е фарса, пишува весникот.
Цитирајќи податоци од Швајцарската Канцеларија за миграција (SEM), весникот тврди дека секоја година на околу 50 до 60 натурализирани Швајцарци им се одзема државјанството. Бројот на таквите случаи се зголемува од почетокот на 21 век, со само осум во 2000 година, според податоците на SEM. А во некои случаи, тоа може да го остави лицето без државјанство, пишува весникот.
Весникот го наведува примерот на еден човек по потекло од Ангола, кој живеел во Швајцарија 20 години. По неговиот брак со Швајцарка, преку која тој се здобил со швајцарско државјанство, бракот завршил со развод во 2008 година, па така од “SEM“ му било одземено државјанството. Но тој повеќе немал пасош од Ангола, па така тој останал без никакво државјанство.
Во изјавата за весникот, од SEM потврдија дека нејзината политика може да резултира со тоа што луѓето би останале без ниту едно државјанство, доколку, на пример, земјата на потекло на лицето не признава двојно државјанство и бара тоа лице да се откаже од неговата оригинална националност, за да стане државјанин на Швајцарија. Во моментов, “SEM“ нема податоци за бројот на луѓето погодени на овој начин.
Во Швајцарија, странскиот брачен другар на швајцарскиот државјанин може да аплицира за поедноставена натурализација, односно полесен процес од обичната натурализација, ако ги исполнуваат одредените услови, на пример, ако тие живееле во Швајцарија пет години, или живееле со својот швајцарски партнер три години.
За повеќе вакви и слични теми придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Швајцарија