Имате некое прашање за Шведска? Слободно јавете ѝ се и прашајте ја 🙂 На 6 април, оваа држава стана првата која има сопствен телефонски број, каде можат да се јават сите оние кои живеат во странство.
А еве како функционира сето ова – откако ќе се јавите на т.н. „шведски број“, операторот ве поврзува со Швеѓанец одбран по случаен избор, кој се приклучил на мрежата преку мобилна апликација. Основната идеја на овој проект е на странците да им биде промовирана Шведска, но наместо со туристичките работници, тие да разговараат со луѓето кои живеат и работат во оваа држава. На тој начин, заинтересираните странци кои сакаат да ја посетат Шведска, ќе добијат многу покорисни информации од прва рака.
„Сакаме да ја покажеме уникатноста на Шведска – земја со богато културно наследство која вреди да се посети“, изјави Магнус Линд, извршен директор на Здружението за туризам.
На оваа кампања може да се приклучат неограничен број на граѓани, за определен период на време, кои ќе треба да одговорат на прашањата на заинтересираните странци. Според Здружението за туризам, овој проект е прв и единствен ваков проект во светот.
„Мислам дека ова е многу забавна идеја. Навистина би сакала да разговарам со некој странец и да го прашам зошто сака да дојде во студена земја како мојата“, изјави Швеѓанката Нина, чиј телефонски број од неодамна е регистиран во системот.
За неполн ден, 189 луѓе од земјите како што се Велика Британија, Турција и Германија, се јавиле на шведскиот број, додека пак околу 530 Швеѓани се регистрирале во системот за да одговараат на повиците.
Повеќе информации можете да најдете на официјалниот веб-сајт The Swedish Number.
За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Шведска