Бегалците кои живеат во Калмар, јужна Шведска, ќе добијат бесплатен превоз со автобус во целата област.
Оваа идеја ќе биде реализирана од страна на Одборот за миграција во соработка со локалниот Совет, а ќе има за цел подобра интерграција на мигрантите.
Според Одборот за миграција, со оваа иницијатива сакаат да постигнат намалување на изолацијата во која живеат бегалците откако ќе се преселат во Шведска.
„Постојат две главни придобивки од ова. Првата е интеграцијата која ќе ја добијат бегалците, а за која правиме голем напор. Се надеваме дека луѓето ќе почнат повеќе да се движат низ областа и да остваруваат контакти. Втората придобивка е секако расположението на луѓето за кое веруваме дека ќе биде подобро, бидејќи повеќе нема да се чувствуваат осамени и изолирани“, изјави за SVT Ларс Боргемо, кој е организатор на оваа иницијатива.
Овој потег беше поздравен од мигранти кои живеат во Калмар.
„Ова ќе значи многу за мене. Сега можам да одам од Хелгесбо до Калмар, Оскаршам и Монстерос секогаш кога ќе посакам“, вели еден од сириските бегалци.
Иницијативата треба да започне во октомври, ќе трае една година, а ќе чини околу 500.000 круни месечно.
Шведска во моментов добива најмногу бегалци по глава на жител во ЕУ. Но, според една нова прогноза направена од страна на Одборот за миграција, наместо бројката од околу 90.000 азиланти која беше предвидена, Шведска доби околу 74.000 бегалци.
Според Одборот, многу азиланти ги заобиколуваат нордиските земји поради долгото време на чекање азил и обемната бирократија.
Според проценките, баратели на азил кои пристигнуваат во Шведска чекаат и по шест месеци за да бидат повикани во Одборот.
„Времето на обработка на податоците е прилично подолго во споредба со Германија. Тешко е да се добие сместување и работно место, а сето тоа влијае на изборот на бегалците за тоа каде ќе заминат“, вели Андерс Даниелсон, претседател на Одборот за миграција на Шведска.
За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Шведска