Oткако канадската влада ги воведе експресните визи, на интернет можете да најдете многу огласи од посредници кои ветуваат работни дозволи и гарантираат високо платени работни места во Канада. Исто така, освен посредници можете да најдете и огласи кои наводно се поставени од канадски државјани, кои нудат склучување брак за да добиете документи и постојан престој во Канада.
Сепак, потенцијалните новодојденците во Канада треба да бидат свесни дека многу од таквите понуди се лажни. Всушност, користењето на услуги од посредници кои даваат такви ветувања, може да резултира со тоа Вашата апликација за виза да биде одбиена.
Канадскиот систем за имиграција се базира на праведност. Секоја апликација се зема предвид и кон секој кандидат се постапува на ист начин. Никој нема посебен третман и никој не може да Ви даде гаранција дека ќе добиете виза.
Вие не сте обврзани да поднесете апликација преку некаков претставник, на пример консултант, адвокат, нотар и слично. Тоа можете да го сторите сами. Но, ако веќе се одлучите да аплицирате преку посредник, бидете внимателни. Посредниците немаат никакво влијание во одлуките кој да добие виза, па не можат да Ви гарантираат ништо. Единствено службениците на Бирото за државјанство и имиграција (CIC) можат да одлучат дали некому ќе му се издаде виза или не.
Често посредниците се служат со лажни документи за да добијат виза, но тоа е сериозен криминал. Доколку го сторите тоа, не само што Вашето барање ќе биде одбиено, туку и ќе се соочите со сериозни последици, како на пример: забрана за влез во Канада најмалку пет години; постојана евиденција за сторената измама во базата на податоци на CIC; одземање на Вашиот статус на резидент или канадско државјанство; обвинение за кривично дело и отстранување од Канада.
Доколку сепак се одлучите да поднесете апликација преку посредник, тогаш прашајте некој кому му верувате, барајте препораки од луѓе кои веќе добиле виза преку посредник, разговарајте со неколку посредници пред да се одлучите за еден и бидете внимателни. Притоа, запомнете дека Ваша е должноста сите информации во апликацијата да бидат точни и вистинити. Доколку бидат дадени лажни или погрешни информации, Вие ќе ја сносите одговорноста.
За да прочитате повеќе за начинот на добивање канадска виза, вклучувајќи и информации за тоа кој легално може да посредува за истата, посетете го сајтот www.cic.gc.ca.