Туристите и локалните жители во Шведска треба да бидат внимателни на џепчиите, особено по драматичниот пораст на вакви пријавени случаи во последните години. Според шведскиот Совет за спречување на криминалот, минатата година биле пријавени 53.355 случаи на кражби, за разлика од 2019 година кога таа бројка изнесувала 38.525. Ова е особено чудно, бидејќи Шведска важи за држава со голема безбедност и ниска стапка на криминал.
„Ова е многу голем пораст, што не е во согласност со порастот на населението“, вели статистичарот Лин Бранделус за шведскиот весник Svenska Dagbladet.
Најголем дел од ваквите случаи се пријавени во Стокхолм. Ова лето, полицијата ги предупредува луѓето да бидат особено внимателни во туристички места како што е стариот дел на градот, каде џепчиите се кријат низ тесните улички и чекаат момент на невнимание. Исто така, бидете внимателни и при користење на јавниот превоз.
„Многу е тешко да ги препознаете џепчиите. Тие се мешаат меѓу луѓето на улиците, изгледаат сосема нормално, па затоа никој не би се посомневал во нив. Можно е да се турнат во вас, или да ви истурат нешто врз пантолоните, па со тоа да ви го одвлечат вниманието. Додека да се свестите, сте останале без вашиот паричник, мобилен телефон или фотоапарат“, вели Киа Самрел, полициски инспектор во Стокхолм.
По разговорот со граѓаните, трговците и локалниот совет за спречување на криминалот, во стариот дел на Стокхолм е засилено присуството на полицијата.
За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Шведска