ВОДАЧОТ НА ШВЕРЦЕРИ ЧАИР Е КООРДИНАТОР ЗА МАКЕДОНСКИТЕ НАВИВАЧИ НА ЕВРОПСКО

Во ситуација кога љубителите на фудбалот од земјава се обидуваат да направат нацрт план како би требало да изгледа нивната екскурзија во Букурешт каде ќе игра македонската репрезентација, Владата назначи координативно тело кое би ги „олеснило“ тие обиди.

Во тоа тело членува и Омер Буњаку, до пред неколку години осудуван водач на навивачката група Шверцери Чаир, а сега спортски директор на фудбалскиот клуб Шкупи и носител на јавна функција: советник за спорт.

Омер Буњаку е ликот кој беше одговорен и приведен за големиот инцидент на Кале во Скопје а кому на лице место тогаш лисиците од раце му ги вадеше Артан Груби (на времето исто меѓу водачите на Шверцери Чаир).

Тој ќе биде меѓу одговорните за координација и комуникација меѓу македонските навивачи кои ќе патуваат на Европско првенство во Букурешт и Амстердам.

Буњаку во 2014-та беше приведен и притворен поради демолирање на кафулето „Њу Орлеанс“ во скопската Стара Чаршија, само затоа што диџејот ја пуштил песната „Распукала Шар планина“ која не им се допаднала на Омер и другарите кои го демолирале локалот. За тоа доби условна казна од 7 месеци.

Списокот на членови на Координативното тело за поддршка на фудбалската репрезентација на Европско првенство во фудбал, е објавен во Службен весник како одлука на владина седница.

Замислата на Владата е дека ова тело треба да обезбеди поддршка при организација, комуникација и промоција на настапот на фудбалската репрезентација на ЕП.

Членови се: Мухамед Зекири, генерален секретар во Влада, неговиот заменик Тахир Хани, Марјан Забрчанец како владин национален координатор за комуникации, Силвија Митевска и Ѓорѓи Тасев како советници за спорт на премиерот Заев, тука е и Наумче Мојсовски – директор на Агенција за млади и спорт, како и Авни Рустеми, заменик-директор на АМС, Саше Тасевски од БЈБ при МВР, Михаела Веселинов, директор на Сектор за дипломатски протокол при МНР, Даниел Димевски и Владимир Богоевски од Олимписки комитет и Омер Буњаку и Изет Ризаху, првиов (пази чудо) советник за спорт а другиот државен секретар во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Тука се и Зоран Стерјовски и Бесник Шуки како новинари на МИА и Драган Николовски и Анета Андонова од МТВ.

Извор: off.net.mk

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија