Во Германија да се помести старосната граница за пензија на 69 години, бараат економистите

Во Германија oд 2012 година возраста за пензионирање беше зголемена на 67 години, а според сегашните податоци, сè повеќе луѓе умираат пред да заминат во пензија. И покрај тоа, поради Ковид-19, се погласни се оние кои бараат таа граница да се помести на 69 години, пишува „Дојче веле“.

„ Во 2019 година, 17 проценти од починатите во Германија не наполниле 67 години, а 14,4 проценти не доживеале 65 години. Ова произлегува од одговорот на Министерството за внатрешни работи на барањето на пратеничката група на Левицата“, пренесува „Ноје Оснабрикер Цајтунг“.

Доколку возраста за пензионирање се зголеми на 69 години, логично е дека уште повеќе луѓе не би ја достигнале возраста за пензија, додава „Дојче веле“.

Во 2019 година, 19,8 проценти од сите смртни случаи биле на возраст под 69 години, или речиси секој петти. Во април, неколку економски институти го предложија зголемувањето на возраста за пензионирање на 69 години, со оглед на оптоварувањето на државниот буџет заради пандемијата.

„ Таквиот чекор ќе донесе двојна корист“, напишаа институтите во пролетниот извештај до федералната влада.

Од една страна, приходите од пензиско осигурување би се зголемиле, а од друга страна, повеќе луѓе би биле на располагање на пазарот на трудот. Германија има сè помало население кое старее, изјави потпретседателот на Институтот за економски истражувања од градот Хале, Оливер Холтемелер.

Во иднина, разликата помеѓу бројот на млади луѓе кои доаѓаат на пазарот на трудот и старите кои го напуштаат ќе биде околу 400.000 луѓе помалку годишно. Економистот предупредува дека ова ќе ѝ наштети на германската економија.

Германската централна банка исто така повика на зголемување на возраста за пензија.

„ Досега, очекуваниот животен век кој постојано расте, подразбира сè подолго траење на пензијата, додека периодите на плаќање на придонесите остануваат постојани. Затоа е логично да се зголеми старосната граница од 67 години за пензија “, стои во образложението на Бундесбанк.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија