Во Шведска се отвори првиот супермаркет без вработени

Замислете супермаркет во кој нема гужви, нема каси, нема продавачи, касиери, ниту било каков персонал. Супермаркет во кој единствените луѓе што можете да ги сретнете, се всушност купувачи. Звучи неверојатно, но верувале или не, во Шведска неодамна се отвори првиот ваков супермаркет.

Роберт Илијасон е човекот кој дошол до идеја да отвори супермаркет без персонал, кој ќе биде отворен 24/7. Ваквата идеја Роберт ја добил додека среде ноќ се возел низ шведското гратче Викен, барајќи отворена продавница од која ќе купи храна за своето бебе. Неколку години подоцна, тој ја реализирал својата идеја и го отворил првиот ваков супермаркет во Викен. Денес Роберт е единствениот вработен кој се грижи за продавницата, а неговата задача е полиците постојано да бидат полни.

robert-ilijason

„Мојата амбиција е ваквата идеја да ја раширам и во другите помали гратчиња и села. Неверојатно е како никој досега не се сетил на нешто вакво“, изјави Роберт.

Во неговата продавница можете да најдете основни намирници, како што се леб, млеко, шеќер, конзервирана храна, пелени и други производи кои обично се наоѓаат во малите продавници. За да се минимизира ризикот од кражба, во продавницата не се продава алкохол, цигари и лекови. Сепак, поставени се 6 сигурносни камери, а освен тоа Роберт често доаѓа во супермаркетот, бидејќи живее во близина.

Доколку се прашувате како всушност функционира купувањето во овој супермаркет, доволно е да знаете дека сè што ви треба е смартфон и соодветна апликација. Самата апликација ги препознава кодовите на производите, па на крајот од месецот на купувачите им пристига сметка со трошокот. Преку апликацијата можете и да ја отклучите вратата на продавницата, користејќи го својот мобилен телефон.

automated-grocery-720x720

Automated-supermarket-1

Роберт се надева дека ќе ја прошири оваа идеја во многу други околни гратчиња, иако како што вели и самиот тој, ќе биде малку тешко постарите жители да се навикнат на технологијата и предностите кои таа ги нуди.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Шведска