Во 2023 година, 440 лекари добиле лиценца за работа

Во Лекарската комора на Македонија, во 2023 година, 440 доктори на медицина добиле лиценца за работа. Како што информираат од Комората, во 10 испитни сесии, кои биле организирани стручен испит, положиле вкупно 440 доктори на медицина, кои ги исполнувале условите за добивање лиценца за работа.

– Најголем интерес за полагање стручен испит и оваа година имаше во декемвриската испитна сесија, кога положија 232 доктори на медицина. Докторите на медицина, по завршувањето на Медицинскиот факултет и приправничкиот стаж, најдоцна во рок од една година треба да полагаат стручен испит за да може да се стекнат со лиценца за работа. Организацијата на полагањето на стручниот испит е една од надлежностите на Комората, покрај издавањето лиценци, водењето регистар на лиценци, акредитацијата за континуирана медицинска едукација и спроведувањето стручен надзор – велат од Лекарската комора.

За споредба, информираат од Комората, минатата 2022 година стручен испит положиле 435 доктори на медицина, а во 2021 година, уверенија за положен стручен испит добиле 350, а во 2019 година оваа бројка била 420.

Стопанската комора најавува дека во 2024 година Комората ќе го модернизира процесот на полагање стручен испит, по примерот на останатите коморски асоцијации од западноевропските држави со кои се остварува блиска соработка.

– Базата на испитни прашања е обновена и дополнета и веќе е објавена на интернет-страницата на Комората. Новина ќе биде тоа што писмениот дел од испитот ќе се полага на компјутер, каде што посебен програм ќе генерира тест со испитни прашања и понудени одговори, од кои само еден ќе биде точен. Откако ќе бидат одговорени сите прашања, компјутерскиот програм автоматски ќе го дава и бројот на точни одговори. Докторите што точно ќе одговорат 60 проценти од прашањата, ќе се упатуваат на полагање практичен и устен дел од испитот. Во практичниот дел, докторите ќе добиваат студија на случај на пациент и ќе треба да објаснат како ќе го лекуваат. Во последниот устен дел, како и досега, акцентот се става на познавањето на етичните норми и правила, кои лекарот треба да ги почитува во практикувањето на докторската дејност – објаснуваат од Комората.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија