Измамите преку онлајн апликации, мејл и СМС пораки не се ништо ново, а деновиве македонските граѓани масовно се мети на една таква измама што ги празни банкарските сметки.
Станува збор за измама што го намамува корисникот со наводна пратка што им стигнала преку АД „Пошта на Северна Македонија“. Граѓаните добиваат известување дека нивната пратка не е доставена поради нејасна адреса. Потоа се бара од нив да се уплати сума од 17 денари, а при трансакцијата всушност се одзема значително повисок износ од посочениот.
Од АД „Пошта на Северна Македонија“ велат дека тие известувања се дезинформации и дека не ги испраќала компанијата и ги советуваат граѓаните веднаш случајот да го пријават во МВР. Додаваат дека единствено и официјално известување за достава на пратките е преку разнесувачите и апелираат секој неовластен обид за злоупотреба на пошта да се пријави.
„Ве известуваме дека во име на АД ‘Пошта на Северна Македонија’ граѓаните добиваат пораки на телефон дека нивните пратки нема да бидат доставени. АД ‘Пошта на Северна Македонија’ не стои зад овие објави, а секое неовластено претставување во име на Пошта на Северна Македонија претставува класична злоупотреба и е предмет за кривична и друга законска одговорност. Единствено и официјално известување за достава на вашите пратки го вршат нашите пошторазнесувачи. Ви благодариме што го пријавувате секој неовластен обид за злоупотреба на Пошта. За сите информации во врска со Пошта ве молиме посетете ја нашата официјална веб страна www.posta.com.mk“, соопштија од АД „Пошта на Северна Македонија“.
Некои од банките во земјава, меѓу кои Комерцијална банка АД – Скопје и Стопанска банка АД – Скопје побрзаа преку соопштенија да ги предупредат и едуцираат своите корисници за оваа измама, посочувајќи им како да постапат во случај да бидат мета и како да ги заштитат своите податоци и банкарски сметки.
Ова не е прв обид на измама на корисниците на услугите на „Пошта“, граѓаните многу често пријавуваат злоупотреби особено со интернет нарачките.
Купувањето на интернет веќе не е никаква новост и многу луѓе ја користат предноста на ваквиот вид на шопинг без да мора да излегуваат од дома.
Европол на својата веб страница објави листа со златни правила како да се заштитите при онлајн шопинг и кои се најчестите ризици со кои би можеле да се соочите.
Пред да ја направите нарачката прочитајте ги условите на трансакцијата, вклучувајќи ги и оние напишани со најситни букви. Проверете дали адресата и други податоци за продавачот се достапни на веб страницата и запишете ги за во случај да треба да ја вратите нарачката.
Испораката на погрешен производ или услуга е вообичаен проблем во онлајн трговијата, а ако имате проблем со нарачката најпрво обратете се кај оној што ви го продал производот. Се препорачува да комуницирате преку e-mail за да имате пишана евиденција за преписката. Ако не можете да го решите проблемот со трговецот, обратете се на службата за корисници на банката преку која сте ја извршиле платежната трансакција.
Секогаш чувајте ги сите документи во врска со купениот производ или успуга и ако се обраќате до банката приложете копија од преписката со лицето од каде сте го купиле производот односно услугата. Ако враќате оштетена или неисправна пратка тоа направете го со препорачана пошта и чувајте ја сметката.
Ако сте жртва на измама случајот веднаш пријавете го во полиција, а потоа во банка, ако сте го платиле производот со дебитна или кредитна картичка, бидејќи можеби ќе биде изводливо да ви бидат вратени парите.
Никогаш не ги праќајте бројот на картичка, ПИН лозинката и други информации во врска со картичката или ваши лични податоци(Име и презиме, адреса, ЕМБГ). Ако не купувате ништо не ги внесувајте ваквите податоци на веб страници бидејќи може да ги искористат за кражба на идентитет и други измами.
Купувајте само од проверени брендови и нивни потврдени официјални страници за онлајн шопинг. Секогаш проверувајте ги оцените на трговецот на страници како Amazon и eBay. Избегнувајте шопинг на страници каде не се користи потполна верификација (Verified by Visa/MasterCard Cesure Code).
Не праќајте пари преку интернет на луѓе кои не ги познавате и никогаш не праќајте пари однапред без потврда за заштита на купувачот на веб страницата.
Немојте да праќате копии од вашите лични документи и кредитни картички преку факс или e-mail ако тоа од вас го побара некој онлајн трговец. Најверојатно се работи за некаков вид на измама.