Германија: Доаѓаат единствени корона-мерки на ниво на цела држава

Deutschland Sehenswürdigkeiten

Сојузната влада во Германија постигна согласност за единствени мерки против коронавирусот на ниво на целата држава. Канцеларката Меркел вели дека земјата се движи кон светлото на крајот на тунелот.

Кога инциденцијата ќе изнесува над 100, треба да се посегне по мерки како полициски час и натамошно ограничување на контакти. Кога инциденцијата е над 200, ќе бидат затворани училиштата. Луѓето во Германија треба да почнат да се навикнуваат на рестриктивни мерки кои ќе важат на ниво на целата држава. Тоа го предвидуваат измените на Законот за заштита од инфекции за кои денеска согласност постигна германската влада.

Со измените е предвидено, меѓу другото, воведување полициски час од 21 часот до 5 часот изутрина доколку во еден округ инциденцијата три дена по ред е над 100. Во таквите случаи ќе се намалуваат и контактите, па припадниците на едно домаќинство ќе можат да се среќаваат со уште само едно лице кое припаѓа на друго домаќинство. Вкупно, бројот на лица во групата која се среќава не смее да биде поголем од 5. Притоа децата под 14 години не се сметаат. Отворањето на институциите од сферата на културата или места каде што се поминува слободното време би било забрането, а тоа важи и за ноќевања во туристички цели.

Продавниците во кои не се продава стока за секојдневна потреба ќе мора исто така да затворат. Исклучок ќе бидат продавниците за храна, пијалоци, аптеките, дрогериите, продавниците за очила и за апарати за слушање, како и оние за ортопедски помагала, бензинските станици, киосците, книжарниците, цвеќарниците, продавниците за храна и други потреби на животните и продавниците за опрема за градини. Според заклучокот, отворени ќе смеат да бидат услужните дејности за медицински и терапевтски цели, за нега и психолошка поддршка, како и фризерниците – но само под услов да се носат маски.

Спортувањето ќе биде дозволено само во форма на индивидуални спортови, без контакти. Ќе смее да се спортува со уште еден припадник на сопственото домаќинство. Исклучок и натаму ќе бидат натпреварите и тренинзите за професионалните спортисти, кои и натаму ќе се одвиваат без публика.

Предлог измените треба да поминат низ забрзана постапка во Бундестагот и Бундесратот. Законот би требало да има ограничено време на важење и тоа да трае додека е во сила од страна на Бундестагот утврдената епидемиолошка состојба на национално ниво. Тоа во моментов е – 30 јуни.

Канцеларката Ангела Меркел денеска ги бранеше договорените корона-мерки, оценувајќи дека имаат за цел „да ја изведат целата наша земја од фазата на постојано растечки број на заразени, пополнување на одделенија за интензивна нега и запрепастувачки голем број на починати од корона“. Она што е огромна помош, според Меркел, е што паралелно тече вакцинацијата во земјата. Откако се вклучени и матичните лекари, „со сѐ поголеми чекори се приближуваме до светлото на крјаот на тунелот“, рече канцеларката.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија