Германија останува во локдаун: Издржете… до лето

Корона-локдаунот во Германија повторно е продолжен, но само незначително заострен. Повеќе работа од дома, построги обврски за маски, подолго затворени училишта. Дали планот ќе успее? Не толку брзо, смета Сабине Кинкарц.

Бојата на блејзерот на канцеларката Ангела Меркел се менува, пораката останува иста: Уште еднаш, по видео-конференцијата со шефовите на влади на 16-те сојузни покраини, таа со сериозен израз на лицето објави дека Германија мора да остане во локдаун. Борбата против пандемијата на коронавирусот влегува во трето продолжение во рок од три месеци. Што следи натаму? Ќе видиме. Зависи од ситуацијата со инфекциите.

Дали некој навистина верува дека на 14-ти февруари ќе изгледа многу подобро, дека ситуацијата со инфекции ќе биде до толку под контрола, за училиштата, градинките, продавниците и рестораните да можат повторно да се отворат? Сигурно не. Во март? Тешко е веројатно. Велигден? Можеби. Под услови. На почетокот на април сè уште не е доволно топло за да може повторно да се пресели животот надвор, како што беше во минатото лето. И нема да има ниту доволно вакцинирани луѓе.

Може ли британската мутација сепак да биде запрена?

Како што е познато, вирусот може навистина да се победи само преку широк имунитет. Дали и кога ќе го постигнеме ова, исто така, зависи од способноста на коронавирусот брзо и суштински да мутира. Колку долго вакцината ќе биде ефикасна против мутациите? Европа купи премалку вакцини за да може брзо да вакцинира милиони луѓе. Фатална грешка во трката со времето.

Особено поради тоа што мутацијата од Велика Британија, која е во пораст во Европа, е уште поинфективна. Во пресрет на конференцијата на канцеларката со покраинските премиери, виролози кои ги советуваат, за март прогнозираа своевидни британски услови и се заложија за целосен локдаун. Нешто, за што, впрочем,  се дискутираше уште во пресрет на конференција под наслов „мега-локдаун“.

Политиката во дилема

Но, политиката одлучи против тоа. Се потпира само на повеќе задолжително носење на маски, поголема дистанца и повеќе работа од дома, односно на зајакнување на она што и без тоа е во сила. Но, дали тоа ќе биде доволно? Бројот на нови инфекции и на смртни случаи во Германија е малку намален, но е далеку од прифатлив. 

Политиката е во дилема. Од една страна, опасноста е сè уште голема, можеби дури и поголема од порано, со оглед на мутациите. Но, за да може да се спроведат строги мерки во слободна, либерална демократија и притоа да може да се смета на разборитоста на граѓаните, апсолутно неопходна е прифатеноста, а таа е на стаклени нозе.

Многу нешта се различни во вториот бран

На почетокот на 2021 година, Германија веќе не е земјата каква што беше на почетокот на пандемијата. Првиот бран беше шокантен и мотивирачки во исто време. Имаше заеднички напор, заеднички именител. Стравот од вирусот ги држеше дома секој оној, кој тоа можеше да си го дозволи. Големи делови од економијата беа затворени. Градските центри беа напуштени, улиците толку празни што одделните ленти беа претворени во велосипедски патеки и можеше безбедно да се шета по автопатите.


Во вториот бран улиците се полни. Економијата продолжува да работи и тоа така го посакува и политиката. Дури и една Германија не може да си дозволи вторпат да ја апсорбира економската штета од целосен локдаун со дополнителни заеми во државниот буџет.

По речиси една година пандемија, многу нешта станаа навика и луѓето научија да живеат во постојана вонредна состојба. Тие се поотрпнати на опасноста, но во исто време се заморени од пандемијата и депримирани. Немаа повеќе сила и желба за натамошни напори за уште повеќе недели во осаменоста на домот или во семејниот хаос со сè што со себе носат затворените училишта и градинки.

Отпорот расте

Направени се многу грешки во политиката, но и во политичката комуникација. Сѐ повеќе луѓе ги доведуваат во прашање во дел противречните и тешко разбирливи мерки. Зошто фризерот мора да остане затворен, но на луѓето им е дозволено да се тискаат на касата во супермаркетот? Зошто не смее да се оди во ресторан, а може да се седи збиено во автобус или во воз? Зошто особено загрозените, старите и болните не се заштитени многу подобро? Високо квалитетни медицински маски и задолжително тестирање во старечките домови, можеше да има и порано.

Незадоволството расте и во економијата. Секторите кои се наоѓаат во локдаун, се особено финансиски загрозени и всушност треба да пријават банкрот. Културните и уметнички установи, целата индустрија за организирање на настани практично веќе не постојат. Повиците за помош се се’ потивки и се шири горкото сознание  дека гастрономијата и културата не се системски релевантни. Додека на сметката на авиокомпанијата Луфтханза се слеаја милијарди помош, многу гастрономи до денес сè уште чекаат на државната поддршка ветена во ноември.

Најтешките месеци

Дури и онаму каде што работите сè уште економски се одвиваат горе-долу добро, политиката веќе не може да постигнува поени. Повиците за ублажување на мерките стануваат сè погласни. Повеќе работа од дома за вработените? Не со преголемо задоволство, бидејќи тоа може да стане навика по пандемијата. Дури и ако сега, кога ситуацијата со инфекциите е напрегната, им се наредува на работодавачите да им понудат на своите вработени можност за работа од дома, неразборитите меѓу нив ќе најдат начини и средства да се спротивстават на тоа. Конечно, тие секогаш можат да играат на адутот дека работните процеси во нивните претпријатија не дозволуваат работа од дома.

Следните неколку месеци ќе бидат најтешки во пандемијата, беше кажано уште во декември. Што тоа навистина значи, станува јасно сега. На луѓето им требаат цели. Позитивни цели. Нешта на кои можат да им се радуваат. Надвор е студено, влажно и сиво. Нема проблем ако внатре е весело и дружељубиво и ако следниот следниот одмор е на дофат. Ништо од тоа во моментов не е на повидок. Напротив. Снемува мотивација, и поради тоа што нема вистински успеси во борбата против пандемијата. Политиката се потпира на принципот на надеж и на тоа дека сите издржуваат. Некако.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија