Како да вдомите домашно милениче од Македонија – искуство со посвојување куче

Доколку сакате да посвоите куче од Македонија, но немате идеја каде да го започнете целиот процес, на вистинското место сте. Со оваа статија би сакал да ве мотивирам да истраете во ова, бидејќи од лично искуство вреди и ќе ви се врати многу позитивно во форма на наjдобар пријател.

Во азилот за кучиња во Минхен немаше домашни миленици за посвојување

Прво баравме по прифатилиштата во Минхен. На почетокот знаевме дека изборот ќе биде мал бидејќи многу малку кучиња завршуваат во засолниште овде. Нашата желба беше да најдеме мало кученце. Нула резултати, хм, може да биде постаро куче, мудро и мирно, на кое ќе му ги разубавиме последните години од животот. Сè уште нема резултати. Кучињата кои за жал се во засолништа поради проблеми во однесувањето се оставени без сопственици и се препорачува да се вдомат од лица кои веќе имаат искуство во дресура.

Зошто да не вдомиме куче од Македонија? На сите ни е позната ситуацијата таму – улиците се преполни со кучиња поради неодговорните сопственици и немањето култура за стерилизација. За многу кучиња, за жал, засолништето е уште полошо од улицата.

Ако и вие имате желба куче да стане дел од вашиот живот, продолжете да читате како да пронајдете и донесете во Германија.

Можете да најдете куче за вдомување преку Инстаграм

На Инстаграм има многу страници кои огласуваат кучиња за посвојување. Навистина многу и со иста задача, а тоа е да се извлечат што повеќе кучиња од улиците или да се спасат од умирање во засолништата. Овде оставам неколку страници кои јас лично ги следам и кои верувам дека се навистина максимално посветени во напорите да ги посвојат кучињата за кои се грижат. Ви предлагам да почнете од таму и сигурно ќе ве одведе на други сајтови. На пр.

Поставувајте прашања за да одредите дали карактерот на кучето е добар за вас

Погледнете ги сликите, прочитајте ги нивните приказни, контактирајте со луѓето од здружението за дополнителни информации за кучето – на пример, дали ги примило сите задолжителни вакцини, дали е исчистено од паразити, каде е моментално сместено. Слободно прашајте за други информации што се релевантни за вас, на пример: дали се согласува со мачки или други кучиња; дали може да помине подолго време сам во станот додека сте на работа; дали се плаши од гром; дали е повеќе мотивиран од игра или храна. Во оваа фаза се обидувате да го процените карактерот на кучето и дали сте match ( дали си одговарате ), а тоа бара малку време, креативност и труд.

Здравствен картон на кучето и колку време ќе треба да ги чекате документите за да може да патува во ЕУ

Дали кучето ги примило задолжителните вакцини против болести на кучиња?

Кучето треба да прими 3 вакцини против болести на кучиња, со разлика од еден месец. Овие вакцини обично се примаат додека кучето е уште кученце, иако нема правила, особено ако кучето поминало долго време во засолниште или на улица. Проверете во здружението дали кучето има досие за вакцини и колку има примено досега. Цената на вакцината во јануари 2022 година се движеше меѓу 1.000 и 1.500 денари.

Значи, ако кучето е веќе целосно вакцинирано, вие сте во предност бидејќи може побрзо да дојде до вас. Тоа не значи дека оние кои се уште не се вакцинирани не треба да ги вдомите, само малку повеќе трпение.

Чип и вакцина против беснило

Еден месец по примањето на задолжителните вакцини против болести на кучиња, кучето се вакцинира против беснило, потоа се става микрочип и добива пасош. Цената на оваа услуга во април 2022 година се движеше меѓу 2.000 и 2.500 денари. Доколку здружението ве извести дека кучето е веќе вакцинирано и чипирано, тогаш на вас останува да ги промените податоците на чипот и во пасошот на кучето во контакт со ветеринарот. Добрата вест е што тоа можете да го направите од далечина, ваш застапник ќе биде лицето кое се грижи за кучето со копија од лична карта.

Тестот за беснило е задолжителен за кучињата кои влегуваат во ЕУ

И, конечно, познатиот тест за беснило. Рачунајте дека е речиси сигурно дека кучето нема беснило. Станува збор за специјализиран тест кој го мери количеството на антитела на вирусот на беснило. Тоа е неопходно за кучињата да влезат во ЕУ, бидејќи според Директивата 516/2013 Македонија не е меѓу земјите каде што е искоренето беснилото. Овој тест може да се направи најрано еден месец по вакцината против беснило, примерокот го зема ветеринар. Цената во мај 2022 година беше 8900 денари. Десет дена по земање мостри, резултатите стигнуваат до ветеринарот и сопственикот на адресата заведена на чипот. Ако кучето има доволно антитела (повеќе од 0,5 IU), честитки, поминало и има право да патува во земјите на ЕУ – но само по 3 месеци од датумот на резултатот од тестот за беснило. Затоа овој чекор е најтежок за идните сопственици, бидејќи додава уште безбедни 3 месеци чекање, дури и ако кучето ги има примено сите задолжителни вакцини, чипирано и вакцинирано против беснило. Уште малку трпение, во основа имате се што ви треба, сега е само да се одбројуваат деновите.

Патување во ЕУ и пријава на кучето во Германија

Ви го должам ова поглавје за некое идно читање. Знам како функционира во теорија, но бидејќи целиот текст го базирам на лично искуство, морам да застанам овде. Држете среќа германската бирократија да не е толку строга кога станува збор за преслатки миленичиња.

И доаѓаме до одговор на прашањето од почетокот на текстот.

Разбирам дека го читате овој текст затоа што сте заинтересирани да посвоите куче и ви честитам за тоа. Ако го читате ова од љубопитност или од идеја дека можеби ќе го направите тоа еден ден, сепак постои начин да им помогнете на кучињата во Македонија кои си го бараат својот дом. Следете ги страниците на здруженијата, споделете ја содржината со вашите пријатели бидејќи можеби некои од тие кучиња ќе стигнат до нивните сопственици и учествувајте во донации или аукции.

Што се однесува до кучињата кои се во засолништа, приоритет е да се извлечат од таму, па особено поддржете ги здруженијата во напорите да ги спасат овие несреќни кучиња и да ги префрлат во пансиони. Сомнително е каде завршуваат донациите во прифатилиштата, затоа предлагам да контактирате со некој од волонтерите кои ги посетуваат засолништата и се грижат за кучињата за да можат да ги искористат парите на вистински начин, на пример, да подготват подобра храна, купување чинии за кучињата итн.

Ако со овој текст донесов барем едно куче преку граница во својот дом, мојата мисија е повеќе од исполнета. Слободно контактирајте ме преку коментари за дополнителни прашања. Во иднина планирам да бидам уште поактивен за посвојување кучиња во Германија, се надевам во соработка со здруженија од Германија, а доколку сте заинтересирани да бидете дел од ваква приказна контактирајте ме, со нетрпение ве очекувам.

П.С. Кучињата на сликите се наши и не се продаваат или поклонуваат 🙂

Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија