Германија станува земја на неверници

Велигден и оваа година е засенет од пандемијата на корона. Но, црквите стравуваат и од нешто друго – крајот на нивното општествено значење.

Уште еден Велигден во корона-времиња. Ова е важен христијански празник, на кој црквите во Германија, како и во многу други земји, се вообичаено преполни. Празник кога на богослужба доаѓаат дури и оние кои инаку во црква влегуваат еднаш или двапати годишно.

Велигден во пандемија на корона значи празнување со рестрикции. Во земјата има над 14.000 евангелистички заедници и речиси 10.000 католички заедници. Во „нормална година“ речиси секоја од нив ќе го прославеше Христовото воскресение во ноќта од сабота кон недела со велигденски оган пред црквите и гласно пеење во преполните цркви. Сега огновите се забранети, а клупите во црквите смеат да бидат пополнети со само мал број верници. А, поради опасноста од зараза со аеросоли, во црквите веќе одамна не се пее.

Само пред неколку дена шефот на Евангелистичката црква во Германија, Хајнрих Бедфорд-Штром, на дигитална прес-конференција изјави дека „нема повод“ за сомнеж во смислата на богослужбите: „Хигиенските концепти на црквите се докажаа.“

Но, само неколку часа потоа, канцеларката Ангела Меркел и покраинските премиери донесоа заклучок за велигденски локдаун. Објавија „мир во текот на Велигден“. И, попатно се вели дека црквите би требало да се откажат од сите богослужби. Ваквите ставови ги најдоа црквите неподготвени. Раководствата на двете големи цркви во земјата се јасно иритирани. „Велигден е најважниот празник за нас, богослужбите не се нешто што служи само за дополнување“, објави на Твитер претседателот на католичката Германска бискупска конференција, Георг Бецинг.

Двете цркви се дистанцираа од плановите на владата. Дури откако Меркел своите намери за „денови на мир“ ги означи како погрешна проценка, црквите повторно почнаа со планирање реални миси, онаму каде што тоа е можно, како и дигитални понуди со пренос во живо.

Меѓутоа, зад борбата околу велигденските денови се крие повеќе. А, тоа е засилено со фактот што канцеларката дури не ги информираше црквите претходно. Јасно, црквите се партнер во ангажманот за отворено општество и незаменлив носител на илјадници социјални установи, градинки, старечки домови, болници, советувалишта. Но, тие ја губат својата општествена сила.

Помалку од половина членови

Во 2019 година во Германија имаше уште само околу 45,75 милиони христијани. Од нив 22,6 милиони католици, 20,7 милиони – припадници на некоја од црквите на Реформацијата, околу два милиони – православни христијани. 45,75 милиони – тоа се само околу 52% од вкупното население. За споредба, во 1991 година, веднаш по падот на Ѕидот, во обединетата Германија речиси 71% од населението припаѓаше на некоја од црквите. А, пред 40 години, во 1980-та, во тогашна СР Германија – дури 85,7%. Денес тој број постојано се намалува. Некогаш во текот на оваа или наредната година ќе биде достигната точката кога дури ниту секој втор Германец нема да припаѓа на некоја од црквите.

Во Германија тоа се знае подобро отколку во повеќето други земји, зашто политиката и црквите овде, при сета генерална поделба, се поврзани во многу работи, а државата традиционално беше заинтересирана за силни цркви. Уште пред повеќе од 100 години црквите смееја од припадниците на своето „стадо“ да земаат данок. Така, оваа бирократски настроена земја точно знае кој на која црква или религија ѝ припаѓа и кој плаќа данок на својата црква.

Трендот на намалување на бројот на верници е последица на природен развој. Многу од постарите се сѐ уште врзани за црквата, но само еден мал дел од оние кои се раѓаат денес се крстени. Но, тоа не е доволно за да се објасни надолниот тренд. Тука улога играат многу фактори. Во економски тешки времиња луѓето ја напуштаат црквата за да штедат пари. Но, грбот на црквата ѝ се врти пред сѐ кога луѓето се разочарани од неа. Кога еден „блинг-блинг-бискуп“, како што го нарекуваа поранешниот лимбуршки бискуп Франц-Петер Тебарц-ван Елст, ќе си потроши милиони евра. И, пред сѐ, кога сексуалното насилство врз малолетници од страна на црковни луѓе ќе ги разбранува духовите. Тогаш почнуваат да се сомневаат и најголемите верници.

Злоставувањето ја потресува црквата

Злоставување – пред околу 10 години оваа тема се најде во фокусот на германската дебата со многуте скандали во црковните институции. И, тука е и ден-денес. Во семејствата, спортот, католичката и евангелистичката црква станува збор за злоставување во многу случаи. Погодени лица од евангелистички установи повторуваат дека католичката страна е понапред со расветлување на случаите и со помошта за жртвите отколку што е тоа нивната црква.

Но, Католичката црква со години се обидува да сфати што точно треба да се прави или остави кога станува збор за сексуалноста. И, над половина век подучува дека и во бракот сексуалноста мора да биде отворена за да се создаде човечки живот. Во 1968 година Рим ги забрани контрацептивните апчиња. „Големата непослушност почна“, напиша потоа магазинот „Шпигел“. Забранети контрацептивни апчиња, осуда на хомосексуалната љубов, а потоа многу илјади малолетни жртви на сексуално насилство извршено од страна на црковни луѓе. Тоа не одговара на сликата што многумина ја имаат за црквата. Таа црква честопати не зборува со јазикот на луѓето. А, како реакција, доаѓа огорченоста кога луѓето добиваат впечаток како црквата да сака и натаму да ги заташкува работите. 

Затоа се зголемува бројот на луѓето кои ѝ вртат грб на црквата. Во 2019 година напуштањето на црквите беше најголемо досега. Само малкумина веруваат дека оние кои си заминале, повторно ќе ѝ се вратат на црквата. „Кај оној кој се откажал од врската со црквата, со голема веројатност се намалува и религиозноста“, изјави неодамна социологот кој се занимава со религиозни прашања, Детлеф Полак.

Поради тоа што многу други земји во Европа не ја анализираат на ист начин припадноста кон црквата, или излегувањето од неа воопшто не е можно, Католичката црква, со нејзиното инсистирање на реформи, со години е под лупа на централата во Рим, која, како некој глобален концерн, внимава на еден светски бренд. Ах, Германија – за Ватикан е тоа земја во која пред околу 500 години се случи Реформацијата (која денес преку различни цркви опфаќа 400 милиони луѓе во светот). Германија е исто така и земјата во која пред 150 години таканаречените стари католици во знак протест поради концентрацијата на римска моќ се отцепија од Римокатоличката црква. Тоа, според некои во Рим, е земја на отпорот.

И, сега, Велигден со речиси празни цркви. Во изминатите месеци неколкупати се отвори прашањето – како Господ може да го дозволи страдањето на многу луѓе и смртта на илјадници во ова време на пандемија. Но, оној кој како духовен човек ќе се соочи со ова прашање, честопати зборува само пред камера, со која се врши пренос во живо. Верата и религијата живеат од размена на ставови и меѓусебно давање поддршка во заедницата, вели социологот Полак. Оттука, многумина одговорни претпоставуваат дека црквите во Германија по пандемијата ќе изгледаат многу поинаку од кога било досега.

Извор: DW.de

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија

Приклучете се на БАРМЕР, надоброто здравствено осигурување во Германија