Германија ја укинува старосната граница за пензионирање !

По неодамнешниот пензиски пакет, во Германија се отвора расправа за многу подлабоки промени во системот. 

Министерката за труд Барбел Бас предупредува дека се потребни „смели одлуки“ и дека постојниот модел повеќе не е одржлив. Според неа, не е доволно „да се завртат двe завртки“, туку е потребен целосно нов концепт.

Во црвено-црната коалиција се разгледува план кој ќе ја напушти фиксната старосна граница за заминување во пензија. Наместо тоа, правото на пензионирање во иднина би се засновало на минимален број години уплатени придонеси. На овој начин, возраста не би била клучниот критериум, туку должината на работниот стаж.

Министерката Бас во емисијата „Bericht aus Berlin“ нагласи дека оние кои рано започнуваат да работат треба да имаат можност порано да се пензионираат, додека оние кои подоцна влегуваат на пазарот на труд, како академиците, логично би оделе во пензија подоцна. За овие опции подетално ќе се изјасни новата пензиска комисија.

Прочитајте: Зошто многу Македонци „пукаат“ по 2–3 години живот во Германија?

Економскиот советник на министерот за финансии, Јенс Зидекум, смета дека стабилноста на пензискиот систем може да се обезбеди само со промени во должината на работниот век. Моментално, старосната граница постепено се зголемува на 67 години до 2031 година, додека оние со 45 години стаж можат да се пензионираат со 65 години без намалување.

Новиот модел предвидува токму тие 45 години уплатени придонеси да бидат критериум. Во пракса, тоа значи дека академик кој почнува да работи на 25 години би морал да работи до 70-годишна возраст или да прифати пониска пензија. Канцеларот Фридрих Мерц го поддржува овој пристап, сметајќи дека пензискиот стаж мора да биде пропорционален со времетраењето на уплатените придонеси, пишуваат германските медиуми.

Овој модел особено би им одговарал на занаетчиите кои многу рано почнуваат да работат, бидејќи побрзо би го остварувале потребниот број години стаж, што дополнително би ја зголемило атрактивноста на занаетчиските професии.

Повиците за продолжување на работниот век

Економистката Вероника Грим ја поддржува идејата дека оние кои можат треба да работат подолго, со напомена дека пензискиот систем не смее да стане поле за класни конфликти. Според неа, поврзувањето на старосната граница со подолгиот животен век е неопходно, но мора да биде проследено со заштита на оние кои поради здравствени причини не можат да останат во работен однос.

Критики и правни дилеми

Професор Бернд Рафелхишен смета дека предлогот не е доволно разработен. Тој верува дека академици постари од 70 години би можеле да стекнат уште поголеми пензиски права, бидејќи подолго уплаќаат придонеси и генерално живеат подолго од физичките работници, што би создало дополнителни нееднаквости, пишува „Блиц Бизнис“.

Тој предупредува и на правни проблеми: според него, академиците би можеле да ја тужат државата поради дискриминација или поради ретроактивно дејствување на реформата, бидејќи нивното подолго школување практично би се користело против нив, со што би им била намалена вкупната пензија.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија