Германија располага со една од најголемите и најгустите железнички мрежи во Европа, но патниците кои редовно користат воз добро го познаваат и еден од нејзините најголеми проблеми – доцнењата. Податоците од European Railway Station Index за 2026 година покажуваат колку е сериозна ситуацијата: сите десет европски железнички станици со најголем удел на доцнења се наоѓаат токму во Германија.
Најлош резултат има Dortmund Hauptbahnhof, каде што според анализата доцнат дури 73,8 проценти од возовите. Веднаш зад Dortmund се наоѓаат Köln, Hamburg, Bremen и Essen, а меѓу десетте најпроблематични се најдоа и Leipzig, Berlin, Düsseldorf, Frankfurt и Stuttgart.
Фактот што на листата се наоѓаат станици од различни делови на земјата покажува дека проблемот не е ограничен само на една линија или еден регион. Станува збор за некои од најважните железнички јазли во Германија, низ кои секојдневно поминуваат голем број регионални, меѓуградски и брзи возови.
Прочитајте: Кокаин, кражби, сексуално вознемирување и тепачки: полицијата со полни раце работа уште на почетокот на Октоберфест
Кога еден воз ќе задоцни на ваков голем јазол, последиците лесно се пренесуваат и на други линии. За патниците тоа може да значи пропуштено преседнување, дополнително чекање на перонот и значително подолго патување од првично планираното.
BERLIN НАЈДОБАР ВО ГЕРМАНИЈА, НО И ТАМУ ДОЦНИ 61,1% ОД ВОЗОВИТЕ
Особено интересен е примерот со Berlin Hauptbahnhof. Во вкупното европско рангирање тој е најдобро позиционираната германска железничка станица, но статистиката за точноста покажува сосема поинаква слика – според индексот, 61,1 проценти од возовите таму доцнат.
Причината за ваквиот навидум парадокс е тоа што при оценувањето на една железничка станица не се гледа само точноста на возовите. Во предвид се земаат и инфраструктурата, пристапноста, услугите достапни за патниците, можностите за купување билети, продавниците и рестораните, како и поврзаноста со останатиот јавен превоз. Поради тоа една станица може да добие добра вкупна оценка, а истовремено да има сериозен проблем со доцнењата.
ЗОШТО ГЕРМАНСКИТЕ ВОЗОВИ ТОЛКУ ЧЕСТО ДОЦНАТ?
Проблемите на германската железница не се појавија преку ноќ. Голем дел од мрежата со години работи под силен притисок, а на многу делници истите пруги ги користат ICE и IC возовите, регионалниот сообраќај и товарните композиции. Кога инфраструктурата работи блиску до својот максимален капацитет, дефект или доцнење на еден воз може да предизвика синџир од проблеми во целиот систем.
Дополнителен предизвик е состојбата на железничката инфраструктура. Германија започна големи проекти за модернизација и генерална санација на важни железнички коридори. Целта е долгорочно мрежата да стане посигурна и поточна, но во периодот на реконструкција патниците мора да сметаат на затворања на делници, пренасочувања, заменски автобуси и промени во возниот ред.
ШВАЈЦАРИЈА НА СПРОТИВНИОТ КРАЈ
Додека германските станици доминираат на листата според доцнењата, Zürich Hauptbahnhof е прогласен за најдобра железничка станица во Европа во European Railway Station Index 2026.
Швајцарскиот железнички систем со години има репутација на добро организиран и интегриран јавен превоз, а Zürich е еден од неговите најважни центри. Контрастот е впечатлив: додека Zürich се наоѓа на врвот на европското рангирање, сите десет станици со најголем удел на доцнења се германски.
ДОПОЛНИТЕЛНОТО ВРЕМЕ СТАНУВА ДЕЛ ОД ПЛАНИРАЊЕТО
За некој што патува со воз само неколку пати годишно, доцнење од 20 или 30 минути може да претставува само непријатност. За луѓето кои секојдневно зависат од железницата за да стигнат на работа, факултет или важен термин, последиците се многу поголеми.
Најризични се патувањата со едно или повеќе преседнувања. Дури и релативно мало доцнење на првиот воз може да биде доволно за да се пропушти следната врска, по што целото патување може да се продолжи за еден час или повеќе. Поради тоа многу патници избегнуваат кратки интервали за преседнување и оставаат дополнителна временска резерва кога треба да стигнат на важен термин, состанок или лет.
Токму тоа можеби најдобро ја покажува сериозноста на проблемот. Кога патниците однапред почнуваат да го пресметуваат можното доцнење при секое патување, точноста на железницата повеќе не е само статистика, туку нешто што директно влијае врз секојдневието.
Ако редовно патувате со Deutsche Bahn, какво е вашето искуство? Колку често ви доцни возот и дали веќе однапред оставате дополнително време кога планирате патување?
Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.