До кога ќе им ги чистиме лозјата на Италијанците и Швајцарците?

Голем дел од граѓаните од Источна Македонија одат на сезонска работа во Италија и Швајцарија, каде прво ги чистат лозјата, а потоа наесен и го берат грозјето.

Делчевци велат дека така ќе биде сѐ додека во земјава немаме доволно високи плати за пристоен живот. Според нивните кажувања, половина од жителите на градот одат на сезонска работа или пак ако не одат сега, тоа го правеле во минатото. Објаснуваат дека за неколку месеци, заработуваат по 3.000-4.000 евра, со што егзистенцијата им е олеснета откако ќе се вратат во родниот град. На сезонска работа заминуваат невработени, вработени во приватен сектор, но се случува и луѓе кои имаат државна работа, да земат одмор и да одат на берба на грозје.

„Тоа не е од сега, туку така е веќе 30 години, и не само од Делчево, на сезонска работа одат луѓето и од соседните градови. Денес секој сака да оди на одмор, да вози убав автомобил, да си ја среди куќата,  а со овие плати тоа е тешко“, вели жителка на Делчево.

Мустафа Шатков, жител на Делчево објаснува дека во градот освен неколку конфекции, нема голем избор за работа и луѓето бараат начин да заработат надвор од државата.

„Најмногу заминуваат во Алба во Италија. Сега во мај и јуни се чистат лозјата, а потоа луѓето се враќаат два месеци овде, и наесен одат пак на берба. Се работи по 10 часа на ден во лозјата“, додава Шатков.

Два пати неделно од Виница имаат автобуски превоз со кој патуваат до Италија. Освен сезонци од Делчево, нивни сопатници се и граѓани од Македонска Каменица, Кочани, Виница. Заминуваат и дел од жителите на Струмица.

Италијанците велат дека на нивните лозја работат сезонци кои доаѓаат од посиромашните земји.

„Има Македонци, но и многу Романци кои доаѓаат да работат во лозјата. Зависи од областите, но дневно можат да заработат од 60 до 80 евра. За еден час цената се движи од минимум 7 евра па до 12 евра. Секако, оние кои ги носат работниците земаат процент, а доколку директно сами си најдат работа, можат да добијат и 13 евра по час“, раскажува Дамиано Гало, кој потекнува од Алба.

Тој објаснува дека ова е тешка работа, без разлика дали се работи за кроење или берба, и не секој може да издржи со часови да биде на нозе. За многу Македонци и Балканци воопшто, сезонската работа е шанса за да си обезбедат егзистенција.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија