Јетмир Садику е еден од многуте неврохирурзи кои работат во Германија. Ја напуштил земјава барајќи подобри услови за работа и живот. Тој е неврохирург во Универзитетскиот клинички центар Хелиос. Дипломирал на Медицинскипот факултет при УКИМ во Скопје. Работел неколку години во Кичево, а од 2015-та работи како лекар во Германија каде и специјализирал.
„Ќе одвојам две од главните причини поради кои заминав: прво несоодветното организирање на програмите за специјализација од страна на Република Македонија во соработка со Медицински факултет, кои се делат на државни и со самофинансирање. Се знае дека државните специјализации ги добиваат кандидатите кои имаат врски со дневните политики, лични или семејни врски и втората група се тие со самофинансирање. Втората причина се малите плати кои до 2017-2018 беа премногу ниски“, посочи Јетмир Садику.
Не можеме да ги споредуваме Германија и Македонија по животниот стандард, но еве кои се финансиски услови за работа, заради што многумина се одлучуваат да заминат.
„Дали може да се направи разлика во платите? Ако знаеме колкави беа платите во 2014г, а јас почнав со работа година ипол или две потоа, во Германија земавме 10 пати повисоки плати“, додава Јетмир Садику.
Дали би се вратил во Макеоднија со оглед на тоа дека, тука се родил, семејството му е тука, тука инвестирал во образование:
„Секогаш го поставуваме истото прашање – Колку е подготвена државата кадарот кој заминал, златната елита, да ја врати во родното место, со подобри услови за работа, под што подразбирам – најнови технологии, прилагодување на работата со стандардите на ЕУ и исто така тука влегува и финансискиот аспект. Тоа е прашање кое треба да им се постави на државните институции“, вели Јетмир Садику.
782 лекари заминале на работа во странство изминативе пет години од нашата земја. 120 медицински сестри и петорица лаборанти заминале само од Клинички центар за три години. Од податоците добиени според лиценците за работа во странство, можеме да заклучиме дека бројот на лекари кои заминале од Македонија се намалил за време на пандемијата.
Од Министерството за здравство велат дека во моментов има доволно кадар во Клиниките и сите активности се менаџираат согласно потребите на пациентите.
„Работата е организирана на начин да се пружа континуирана здравствена заштита 24 часа во текот на денот. Согласно Законот за здравствена заштита и Колективниот договор работата на докторите е организирана со дежурства, додека работата на сестрите и болничарите е организирана во смени“, велат од Министерството за здравство.
Освен тоа што заминуваат во странство, медицинските лица се повеќе заминуваат во приватниот сектор. Од Министерството велат дека флуктуацијата на кадарот од јавно во приватно здравство е воообичаена појава и состојбата постојано се менува.
Извор: ТВ21.