Изминативе години, земјава се соочува со иселување на својата младина во странство. Иако статистички не постои официјална бројка за тоа колку млади ја напуштиле родната земја, сепак агенциите за посредување на работа во странство информираат за големата заинтересираност.
Како што посочуваат македонските студенти, сезонската работа која се нуди низ агенциите во главниот град, претставува ризик, добра можност за заработка, но и причина плус да „останат“ во некоја од западноевропските земји.
Според податоците на една агенција за студентски програми, аплицирањето за работа во странство е започнато уште пред два месеци, а како најпосакувана дестинација се посочува Германија.
„Во моментов сме пребукирани, најчесто од студентите на Филолошкиот факултет. Причините се повеќе од јасни, ако се знае фактот дека сатницата во Германија изнесува околу 7,5 евра, а оваа земја не е толку оддалечена од Македонија.“ – велат од една скопска агенција за посредување при работа.
За само неколку месеци, во оваа агенција за Германија аплицирале повеќе од 500-тини студенти, што според нивните статистички податоци значи нов рекорд. Студентите најчесто аплицираат за позицијата готвачи, чистачи и соработници во некои од светските брендови за исхрана, а работната дозвола важи до 90 дена.
„Најчесто работат во Мекдоналдс, а ги има и оние кои аплицираат за работа како чистачи во хотелските комплекси. Оваа година имаме рекордни побарувања, што од една страна е плус за нас, но од друга институциите треба да се подзамислат. Има и такви, кои заминуваат како бебиситерки на едногодишни програми во Европа, но и во САД.“ – велат од агенцијата.
Студентите се одлучуваат на ваков потег поради лошата економска состојба и не можноста за вработување во Македонија. За едни сезонската работа претставува ново искуство и заработка, додека други сметаат дека постои одредена доза на ризик.
„Како студент, ова лето ќе ми биде четврто како заминувам на работа во Германија. Сатницата е добра, а ноќните сати, празниците и прекувременото работно време се плаќаат повеќе. Се на се, дневно заработувам околу 70 евра. Од друга страна, постои доза на ризик, а работата е нечиста и макотрпна. Во секој случај, жалам што не постои легален механизам, за да останам овде повеќе од 90 дена. Во Македонија, условите се едноставно потпросечни.“ – вели Никола, студент на Филолошкиот факултет во Скопје.
Некои млади се одлучуваат за работа во приморските туристички центри на Јадранот, а трети заминуваат во прекуокеанските земји каде престојот е дозволен до 120 денови. Во САД, минималната законска сатница изнесува 7,25 долари, додека на јадранската ривиера дневницата се движи околу 120 куни (16.4 евра).
„Веќе неколку лета, работам во рестораните и кафулињата на хрватските острови. Престојот и работната дозвола ни важат 90 дена. Хрватска како про-европска земја ги почитува правилата наложени од ЕУ, па платени ни се и ноќните сати и прекувремената работа. Сместувањето ни го обезбедуваат самите кафичи или ресторани. Предусловот е секако, да си студент на некој од државните факултети во Македонија.“ – вели охриѓанецот Бојан.
Има и такви, кои на различни начини се обидуваат да се „прошверцуваат“ низ приморските земји, а голем е бројот на оние кои на „црно“ работат на грчките острови.
За крај, сите со заеднички став, дека на земјава и се потребни реформи, со кои на некој начин ќе се задржат младите во Македонија. Ако се знае фактот дека од година во година бројот на студенти кои заминуваат и не се враќаат од странство е прилично голем, надлежните ќе треба во идниот период повеќе внимание да обратат на економијата, животниот стандард и вработувањето.
Извор: ohridnews.com