Италија ќе одобри околу 500.000 нови работни визи за граѓани од земји надвор од ЕУ во периодот од 2026 до 2028 година, соопшти вчера италијанската Влада. Оваа иницијатива е дел од стратегијата за проширување на легалните имиграциски патишта и адресирање на проблемите со недостиг на работна сила.
Следната година, дозвола за влез во државата ќе добијат 164.850 лица, а до 2028 година се планира вкупно 497.550 лица да влезат во земјата.
Ова е втор ваков чекор од премиерката Џорџа Мелони откако стапи на функцијата пред речиси три години, како предводник на десничарската коалиција. Претходно, Владата веќе одлучи да издаде над 450.000 дозволи за мигранти во периодот помеѓу 2023 и 2025 година.
Прочитајте: Идеи за започнување сопствен бизнис во Македонија
Паралелно со условите за влез на новите работници, Мелони зазеде строг став во однос на илегалните влезови, забрзувајќи го процесот на враќање на илегалните мигранти и ограничувајќи ги дејствувањата на хуманитарните организации кои спасуваат мигранти во Средоземното Море.
“Квотите се одредуваат според потребите изразени од социјалните партнери и реалните пријави за работни дозволи примени во претходните години, што има за цел програма што одговара на потребите на компаниите и е реална”, се вели во официјалното соопштение.
Прочитајте: Каде да инвестирате 1000 евра: 5 идеи за инвестирање
Стареењето на популацијата и намалувањето на стапката на наталитет во Италија се причини за потребата од привлекување на странски работници во третата најголема економија во еврозоната. Во 2024 година, имало 281.000 повеќе смртни случаи отколку раѓања, а населението се намалило за 37.000 на 58,93 милиони, продолжувајќи го трендот кој е присутен веќе со децении.
Земјоделското лоби “Колдирети” го поздрави владиниот план, оценувајќи го како важен чекор во обезбедувањето на достапност на работна сила во земјоделството и производството на храна.
“Владата решително ќе продолжи да дозволува легални мигрантски канали, кои придонесуваат за важни сектори на нашата економија”, изјави министерот за надворешни работи, Матео Пјантедози, за весникот “Ла Стампа”.
Според истражување на аналитичкиот центар “Осерваторио Конти Публичи”, за да се спречи натамошно намалување на населението и да се одржат сегашните нивоа, Италија ќе треба да прими најмалку 10 милиони имигранти до 2050 година.


