Работа може да се бара самостојно или преку агент. Во мојот случај при наоѓањето работа многу ми помогна германски агент кој за своите услуги нема финансиски интерес од апликантот, туку по реализираното вработување добива пари од болницата која го ангажира. Македонските посредници за работа во Германија ми бараа од 1.500 до 2.000 евра за истото, раскажува битолчанецот Иво Кирковски кој веќе две години работи во болница во германскиот град Вердау Германија планира да „увезе“ околу 5.000 лекари, медицински сестри и друг медицински персонал од останатите членки на ЕУ, но и од земјите надвор од Унијата, објавуваат германските медиуми.
Според податоците објавени на интернет-страницата „Успеј во Германија“ (Make it in Germany) која што е заедничка и официјална на неколку германски државни институции, земјата во моментов има потреба од 5.000 медицински лица. Тие би се вработиле во државните клиники и приватните ординации кои многу тешко наоѓаат наследници за постарите лекари кои се пензионираат. Овие лекари, доколку се почетници, според податоците објавени на страницата, ќе имаат просечна годишна плата од околу 49.000 евра.
Шанса за македонските лекари
Многу лекари од Балканот, меѓу кои и мноштво од земјава, во Германија ја гледаат својата шанса да се вработат според струката, но и да заработуваат многу подобро отколку во својата матична земја. Но, дали и колку е можно лекари од Македонија да се вработат во Германија, со оглед на тоа дека немаат пасош од ЕУ? Која е процедурата?
Иво Кирковски е млад лекар од Битола кој веќе неколку години живее и работи во Германија, во малото гратче Вердау. Медицинскиот факултет го завршил во Скопје, но по дипломирањето одлучил да бара работа во Германија бидејќи во Македонија немал услови за професионална надградба и независен живот.
– Сакав да специјализирам во областа на анестезија и интензивно лекување, но за тоа ми беа неопходни финансии што ќе ми овозможат да се надоградувам без да ме издржуваат моите родители. Во Македонија тоа беше невозможно, бидејќи мојата специјализација би значела 5 години зависност од родителите со оглед на тоа дека за тој период нема да примам плата – ја почнува својата приказна Кирковски.
Така почнал да се интересира за условите за работа и специјализација во странство. Веќе бил информиран за можностите за лекари што ги нуди Германија, па почнал да го изучува германскиот јазик бидејќи за да аплицира за работа мора да поседува сертификат за познавање на германскиот јазик на ниво Б2. За најголем дел од работите се информирал од колеги од Србија и од БиХ кои работат во Германија, а кои ги споделиле искуствата на социјалните мрежи.
Додека го учел германскиот јазик, Кирковски стапил во контакт со македонски посредници за работа во Германија.
– Искрено, многу се разочарав од нашите посредници затоа што беа исклучително непрофесионални и бараа од 1.500 до 2.000 евра за наоѓење работа. Кога положив Б2, случајно, преку колега од Македонија добив контакт од еден германски агент. Остваривме контакт преку скајп бидејќи агентот инсистираше да слушне како го владеам германскиот јазик, да слушне за каква работа сум заинтересиран и да ми помогне со документите за апликација. Од него имав голема поддршка, ме советуваше во однос на документите и ги прилагоди со цел да ги направи адекватни на барањата на германските клиники – раскажува Кирковски.
По два месеца агентот му се јавил и му кажал дека има болница која нуди работа во одделот анестезија и која се заинтересирала за неговата апликација. Агентот му договорил еднонеделна пробна работа (хоспитација) и запознавање со тимот, работата и условите во болницата.
– По неколку дена хоспитирање, шефицата ми рече дека се задоволни од мојата работа и ми поднуди договор за работа и со тоа и специјализација кај нив. Морам да нагласам дека агентот кој посредуваше за моето вработување, сместување, кој ме подготвуваше за интревју и одговори на сите мои проблеми и потреби, воопшто не ми наплати за своите услуги. Тој добива пари од болницата која работно ќе го ангажира кандидатот откако ќе се склучи договорот – потенцира Кирковски.
Специјализацијата е поразлична од Македонија
Со неговото ангажирање во болницата, добил преддоговор за работа со кој аплицирал за германска виза. Визата ја добил откако германската амбасада во земјава била информирана дека му е издадена работна дозвола (Berufserlaubnis). Со визата и работната дозвола почнал да работи во болницата.
Работната дозвола има важност од 2 години во кои лекарот треба да се здобие со апробација – нострификација на универзитетската диплома. Во меѓувреме, откако Кирковски пријавил адреса на живеење во Германија и ја комплетирал потребната документација, аплицирал за ЕУ сина карта /виза за работа и престој на висококвалификуван и дефицитарен кадар во рамките на ЕУ.
– Од работата сум навистина задоволен. Брзо те оспособуваат да почнеш да работиш самостојно за да преземаш дел од работата. Понекогаш имав и чувство дека премногу ме притискаат, дека е напорно, но резултат го оправдува темпото па лекарите набргу стануваат самостојни во работата. Во мојата болница има пракса специјализантите да дежураат во Ургентниот центар, што на почетокот ми беше голем притисок. Проблемите главно ми се од јазична природа. Јазикот е доста тежок, особено кога ти зборуваат на дијалект. Колегите на работа ме прифатија добро, особено мојот ментор кој е прекрасен човек и мој пријател. Карактери има секакви, но моите искуства се генерално позитивни. Никогаш немам почувствувано дискриминација по никој основ – вели Кирковски.
Тој објаснува дека специјализацијата во Германија е малку поразлична од таа во Македонија. Односно, може да се специјализира во секоја болница, а од искуството на шефот на одделот зависи колку години специјализација може да понуди клиниката. Во однос на организацијата на работата, во германските болници шефот на одделот има многу големи овластувања. Односно, тој одлучува кого ќе вработи или отпушти, како ќе се организира начинот на работа и слично, бидејќи тој одговара за постигнатите резултати, па според тоа има право и да си направи свој тим.
– Јас сум многу задоволен од мојата шефица и како таа ги почитува и се заложува за моите работнички права. Односот помеѓу колегите и другиот персонал е коректен, учтив, воздржан, професионален. Правилата и протоколите мора да се исполнат иако понекогаш изгледаат оптеретувачки и непотребни. Бирократија има многу, што за нас е прилично напорно. Имам соба која ја делам со мојот ментор, друг специјализант и неговиот ментор. Имаме шкафови, биро со компјутер поврзан со цел систем на болницата, можеме да го следиме секој пациент, имаме кревети, тв и купатило. Ова го потенцирам бидејќи истото очигледно не се подразбира и не ми следуваше како специјализант во Македонија. Сите лекари имаме работни телефони на кои треба да сме постојано достапни додека сме на работа – објаснува Кирковски.
Според него, во Германија има многу лекари од Македонија, а постојано доаѓаат сѐ повеќе. Меѓу нив има лекари без искуство, специјализанти кои ја напуштиле работата, но и многу искусни лекари од земјава. Кирковски вели дека лично познава и контактира со дваесетина лекари од Македонија кои живеат и работат во Саксонија, но ги има многу повеќе.Повеќето се задоволни од својата работа и се одлучни да останат.
– Одлуката да се почне со работа и живот надвор од својата држава, во различен систем, ново јазично подрачје, различен менталитет и сл. е голем предизвик кој бара упорност и истрајност. Но, ги охрабрувам своите колеги кои се соочуваат со нашиот вечен проблем на невработеност и ниски критериуми да се обидат да се реализираат професионално тука доколку не се во можност истото да го добијат во Македонија. Не треба да се биде експерт да се најде работа , треба само работливост, желба, упорност и чесност. Причина веќе имаме и за жал, нема изгледи дека проблемот во скоро време ќе се реши – завршува Кирковски.