Како до студентска виза и дозвола за престој во Германија

Како да се добие студентска виза и дозвола за престој во Германија? Тоа пред се зависи од тоа од која земја доаѓа кандидатот и колку долго има намера да остане. Најдобро е да се обратите во амбасадата на СР Германија.

При поднесување на барање за издавање на виза треба да обрнете внимание на следново:

Виза треба да се бара навреме – односно: доволно рано. Обработка на барањето може да потрае повеќе месеци, а без важечка виза не може да влезете во Германија.
Треба да се бара вистинска виза. Туристичка виза, или виза за учење на германски јазик, не може потоа да се претвори во студентска виза. Поради погрешна виза може да се добие решение за итно напуштање на Германија.
Датумот на влез во Германија треба да се одреди, така што ќе остане доволно време за запишување на факултет и вршење на соодветни административни работи. Запишувањето е услов за добивање дозвола за студентски престој.

Внимавајте на датумот на истекување на патните исправи! Ако тој истече во Германија, од студентите се бара да отпатуваат во својата земја за да им се продолжи.
Сите информации за тоа можат да се добијат и во конзулатот или во амбасадата на Сојузна Република Германија.

Постојат два вида на визи:

1. – Виза за поднесување на пријава за запишување на факултет. – Оваа виза важи три месеци и му овозможува на кандидатот да поднесе своја пријава за факултет, или факултети, а ако тој рок не е доволен, визата може да се продолжи и до максимални шест месеци. Доколку во тој рок кандидатот добие позитивен одговор од факултетот, веднаш може да побара и дозвола за престој со цел за студирање.

2. – Студентска виза – Оној кој веќе добил позитивен одговор од факултет, мора да извади студентска виза. Таа по правило важи три месеци, а во тој рок студентот мора во местото на живеење во Германија да поднесе барање за дозвола за престој.

Документи потребни за издавање на виза

Прецизни информации за тоа даваат германските амбасади и конзулати. Вообичаено е да се бараат следниве документи:

– потврда за здравствено осигурување

– потврда/потврди за финансирање. Станува збор за документи, од кои јасно произлегува дека барателот може да си обезбеди издржување во висина од најмалку 8.000 евра годишно. Тоа можат да бидат: потврда за примања на родителите; потврда дека лице со постојано живеалиште во Германија во писмена форма – во канцеларија за странци – се обврзува дека ќе ги преземе тие трошоци; потврда дека кауцијата е платена на специјална блокирана банкарска сметка; потврда за стипендија.

– потврда за досегашни студии (ако кандидатот веќе завршил некој факултет)

– потврда за познавање на германски јазик или курс, кој кандидатот има намера да го посетува во Германија

– потврда за завршено образование (која овозможува запишување на факултет)

– потврда од факултет дека кандидатот е примен на студии – или дека постојат големи шанси дека ќе биде примен.

Дозвола за престој

Се издава во Германија во местото каде што се студира. За неа се потребни следните документи:

– Пријава на адреса

– Потврда за здравствено осигурување

– Потврда за студирање

– Важечки пасош со виза

Некои канцеларии бараат и дополнителни документи, како што се:

– потврда за здравствената состојба

– потврда за изнајмен станбен простор

– фотографија како за пасош (најверојатно со биометриски податоци)

– потврда за платени надоместоци (се издава на лице место при издавање на дозвола за престој).

Дозвола за престој најпрво се издава на две години, а по истекот на тој рок може да се продолжи. Продолжувањето зависи од тоа дали студиите одговараат на предвиденото време. Потврда за тоа издава факултетот. Дозвола за престој мора да се продолжи пред истекот на визата.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија

Приклучете се на БАРМЕР, надоброто здравствено осигурување во Германија