Како се специјализира медицина во Германија, а како во Македонија – зошто ни бегаат докторите?

Додека нашите специјализанти се борат за основни работни права и достоинствени услови за учење, во Германија сè е организирано со хируршка прецизност. Преку искуства на наши специјализанти тука и во ветената земја за македонските лекари, Факултети.мк споредува во што се разликуваат специјализациите во двете земји.

Германија е ветената земја за македонските лекари. Особено за младите. Во оваа држава ги гледаат и својата кариера и својата иднина. И иако многумина не сакаат да заминат оттука, се одлучуваат на ваков чекор зашто таму добиваат вистинско вреднување на големиот труд што го вложуваат за да станат доктори и да спасуваат животи, но и достоинствени услови за работа и учење. Темелно го учат германскиот јазик, ги анализираат и начините на заминување, а за тоа како полесно да појдат или да се снајдат, се поддржуваат и меѓусебно или бараат помош од специјализирани агенции.

Наједноставно е, велат, ако заминеш за специјализација и таму да специјализираш. Меѓу специјализацијата тука и во Германија, раскажуваат, има светлосни години разлика. Додека нашите специјализанти се борат за основни работни права и достоинствени услови за учење, во Германија сè е организирано со хируршка прецизност.

Преку искуства на наши специјализанти тука и во ветената земја за македонските лекари, Факултети.мк споредува во што се разликуваат специјализациите во двете земји.

Платен си и додека специјализираш

Д-р Тихомир Милев и д-р Елена Милева се сопружници, и двајцата се лекари и специјализираат во германски здравствени установи. Тие веќе втора година се во Германија. Тој е на специјализација по ортопедија, а таа специјализира неврологија. Одлуката за преселба, велат, им била доста спонтана, но и ризична бидејќи значела и одбивање на стекнати приватни специјализации по ортопедија и гинекологија во Македонија.

– Одлуката, за среќа, недвосмислено брзо ја донесовме. Основа за барање работно место е знаењето на германски јазик, поконкретно Ц1 ниво на медицинска компетентност. Со потпишан договор за работа следува и дозвола за работа, ограничена на две години, бидејќи тој временски период е наменет за положување на државниот испит, т.н. апробација – објаснува д-р Милев.

Според најновите законски измени, специјализацијата, вели тој, започнува да тече по нејзиното положување, т.е. апробацијата. Независно од тоа, платата и должностите како лекар се незасегнати и исти во дадениот временски период. Колку години од специјализацијата може да ти покрие болницата, зависи од тоа колку специјалистите или твојот шеф на оддел се лиценцирани и искусни во таа област.

– Додека работиш, секако дека си соодветно платен. Платата се одредува според национален тарифник кој важи за сите доктори, секако со дадени мали варијации од болница до болница, како и од покраината – објаснува нашиот соговорник.
Со секоја година во напредувањето се зголемува и самата плата.

Дежурства имаш секако, облигаторно минимум четири во месецот, а може и повеќе во зависност од потребата на одделот и во договор со шефот и одделот, но законски не е дозволено да надминеш повеќе од осум. Секое дежурство ти е платено соодветно, исто според тарифник – вели д-р Милева.

Најмала почетна плата од 2.500 евра

За платите, објаснуваат нашите соговорници, постојат тарифи кои се законски одредени. Колку ќе изнесуваат, зависи од тоа колку години работиш како лекар и дали си специјалист или не си.

– За доктори што се почетници во првата година на работа почетната бруто-плата изнесува 4400-4500 евра, или околу 2500-2800 евра нето, бидејќи зависи и во која група на даночен обврзник спаѓаш (дали си во брак, дали брачниот партнер е вработен или не е…). Со секоја година помината на работа соодветно ти се зголемува платата. Слично е и со плаќањето на дежурствата. За викенди и за празници тие се плаќаат повеќе отколку за преку недела – вели д-р Милев.

Одмор плус дообуки

Нашите соговорници објаснуваат дека се работи со индивидуално темпо под постојан надзор на специјалист, во смисла на тоа што нема вклучена теориска настава во текот на специјализацијата, туку таа се одвива со постојана практична работа и преку обуки на кои лекарот сам се пријавува.

– Во овој контекст, покрај законскиот одмор од 28 дена секоја година, даден е период од 10 дена (ова варира од болница до болница) за дообуки и семинари од кои, во зависност од тоа како си договорен, делот од патните трошоци и котизацијата се покриени од самата болница – вели д-р Милев.

Практичното знаење во прв план

Клучната разлика во системот или условот за полагање на специјалистичкиот испит во Германија е практичното знаење. Притоа постои табела на обврски што треба да се исполнат.

– Акцентот во текот на специјализацијата е ставен на работно искуство и практичното знаење. Теорија е нешто што е резервирано за домашни услови – истакнува д-р Милева. Докторите потенцираат дека е неблагодарно да се споредува со нашиот систем на специјализација бидејќи таму специјализантите се ценат во секој поглед, независно од нивната иницијална работна некомпетентност и културната разлика, која секако постои.

– Соодветно е валоризиран работниот труд, а најважно од сè, има оптимални услови за работа, не само во смисла на оптимална грижа за пациентите туку и оптимални работни услови за персоналот, во овој случај специјализантите. Тука е непознат поим лично незадоволство поради субоптимални услови за работа, т.е. незадоволени базични потреби, како на пример немање лично шкафче за чување на работната униформа платена од сопствен џеб – додава д-р Милев.

Премногу проблеми

Кај нас и платите и условите се далеку од Германија, чии лекари, пак, заминуваат во други земји заради поголема заработка (на пример, САД), а германските болници повлекуваат кадар од овие простори. Во Македонија лекар почетник во државното здравство добива плата која изнесува околу 400 евра, а платите се драматично различни во приватниот сектор.

Додека некои приватни установи даваат пристојни плати, има матични лекари што земаат 300 евра, а има случаи и со пониски плати. Што кога ќе стаса времето за специјализација?

Д-р Елена Цветиновска, специјализантка и членка на Здружението на лекари специјализанти – ЗЛС, вели дека со измените на Законот за здравствена заштита кои се однесуваат на специјализациите, од пред неколку години, се донесени нереални обврски и казни кои отвораат многу проблеми. Македонските специјализанти, прво неформално, а сега преку здружение се борат да се променат овие состојби. Условите, свесни се, ќе им бидат далеку различни од оние во Германија, но се надеваат барем на обезбедување елементарни услови за учење и усовршување.

Во однос на работнички права, специјализациите се делат на државни, приватни и специјализации што ги кофинансира државата.

Лихварско однесување

Државна специјализација може да добие некој што веќе работи во државно здравство, кога установата ќе го упати да специјализира и му ја плаќа школарината. Откако ќе ја заврши специјализацијата, лекарот мора да ѝ се оддолжи на установата со тоа што ќе мора да работи и нема да смее да ја напушти во следните пет, 10 или 15 години, зависно од договорот. – Во спротивно, се активира меница на вртоглави суми во висина до петкратна вредност од школарината за специјализација. Така, ако специјализацијата чини 12.000 евра, лекарот што ќе го прекрши договорот ќе треба да плати и до 60.000 евра – вели д-р Цветиновска.

Толку пари треба да плати и ако ја напушти установата по девет години и 364 дена, зашто во законот нема пропорционалност.

– Државните специјализанти работат и неплатено дежураат четири пати месечно на клиниките каде што го вршат турнусот, но згора на ова често се обврзани да дежураат и до четири дополнителни дежурства во месецот во матичните установи. Покрај ова, многу често, а особено во периодот на годишните одмори, матичните установи ги повлекуваат државните специјализанти и им ја прекинуваат специјализацијата на повеќе недели за да покријат привремен кадровски дефицит – објаснува д-р Цветиновска.

Работат, не земаат плата и немаат пензиско и здравствено осигурување

Приватните специјализанти сами ја плаќаат школарината. Според законските измени во 2015 година, секој специјализант мора да поминува осум часа дневно на турнис и еднаш неделно да дежура 24 часа.

– Тие колеги сега имаат работно време и секое прекршување на правилата повлекува дисциплинска одговорност, исто како да се вработени. Но, ниту денар не се платени, иако даваат услуга во јавно здравство. Она што е уште побанално е што тие прегледуваат здравствени осигуреници, а самите не се здравствено осигурени, па практично не смеат да си дозволат да се разболат или да се повредат – вели нашата соговорничка.

Претходно беше полиберално и немаше дисциплински мерки, па имаше простор приватните специјализанти паралелно дополнително да работат за да може да заработат.

– Напорно се трудевме да оствариме средба со поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, но сè беше залудно. Според законот, одиме на турнус до 4 часот, често потоа имаме предавања, а каде се и дежурствата? Работната недела некогаш изнесува повеќе од 64 часа и навистина не знам надлежните од што очекуваа да живеат овие лекари четири до шест години, повеќето од нив со веќе оформени семејства? – објаснува д-р Цветиновска.

Има и специјализации со кофинансирање, кога школарината делумно ја плаќа специјализантот, а делумно државата. Овие лекари земаат плата во висина на просечна плата во државата и редовно им се ускратени правата што произлегуваат од колективниот договор, како на пример, правото на надоместок за одвоен живот. Секојдневно се јавуваат нови проблеми кај оваа категорија специјализанти зашто, едноставно, не се знае до каде се ингеренциите на матичната установа – објаснува докторката.

Неприменлив систем за едукација

Во законските измени од 2015 беше воведен и нов систем за едукација на специјализантите, каде што до детаљ беше предвидено како таа ќе се одвива.

– Беа воведени безброј часови теоретска настава, изучување на два странски јазици, англиски и изборен, се воведе обврска за користење стручна литература од универзитети кои се рангирани на Шангајската листа, се воведоа колоквиуми и интермедијарен испит, кои до детаљ беа дефинирани како треба да се одвиваат, кој ќе биде во комисија, со колку поени ќе се положат и врвот на небулозите, обврската за нивно снимање и емитување во живо на интернет. За кратко време се покажа дека овој „препишан модел“ е речиси неприменлив кај нас – вели д-р Цветиновска.

Летото 2017 година ЗЛС спроведе анкета помеѓу специјализантите. Иако тие треба да работат под надзор на ментор и едукатор, дури една третина од нив изјавиле дека воопшто немале ни работна средба со својот ментор, 40 отсто се изјасниле дека воопшто не се задоволни ниту од квалитетот на едукацијата ниту од посветеноста на едукаторите, а само 16 проценти дека работат под постојан надзор на едукатор. Иако специјализантите редовно неплатено дежураат по 24 часа, повеќе од половина од клиниките немаат обезбедено елементарни услови за работа на специјализантите, ниту шкафчиња за нивните лични работи, ниту соба за престој и одмор.

Годишно се иселуваат онолку лекари колку што дипломираат

– Миграцијата на лекари што денес се случува е глобален феномен, но нам ни се случува егзодус, кој ниту ќе го спречиме ниту ќе го ублажиме сè додека не се направат темелни реформи и промени во системот за специјализирање, затоа што ваков каков што е, самиот ги брка младите лекари. Едноставно кажано, поисплатлива инвестиција за секој млад лекар е да учи германски јазик отколку приватно, па и државно да специјализира во вакви услови. Секоја година се иселуваат помеѓу 140 и 170 лекари од државава, речиси онолку колку што секоја година дипломираат – додава д-р Цветиновска.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија

Приклучете се на БАРМЕР, надоброто здравствено осигурување во Германија