Парламентарците во Германија заработуваат од државата толку што не им е потребно да имаат и друга работа. Но, и покрај тоа многумина од нив имаат и дополнителни примања.
Да се биде пратеник не е професија како секоја друга. Тие исполнуваат висока општествена функција на ограничено време. На парламентарните избори мораат одново да добијат доверба од гласачите. Според Уставниот суд тие имаат право на професија за време на мандатот, но реално не им останува многу време за тоа. Според Законот за пратеници во Бундестагот, пратеничката функција мора да биде во фокусот на нивните активности.
Во самостојни професии како на пример адвокат, земјоделец, економски или даночен консултант е многу поедноставно да се спојат двете активности, додека за вработени, службеници, полицајци или професори тоа е речиси невозможно.
Платата на пратениците
Во Уставот во член 48 алинеа 3 се вели дека пратениците мора да бидат компензирани на начин што нема да имаат потреба од дополнителни извори на приходи. Притоа пресметката се ориентира на платата на судија при врховниот суд на сојузно ниво. Т.н. „отштета за пратеници” се пресметува секоја година на 1 јули. Актуелно изнесува 10.012,89 евра. На таа сума се одбива данок.
Паушал за трошоци
Секој пратеник добива и паушал ослободен од даночење кој треба да ги покрие сите трошоци кои настануваат во врска со одработувањето на мандатот. Еден пратеник има генерално две работни места: во Бундестагот во Берлин и во општината во која е избран. Таму има трошоци за канцеларија со вклучен персонал. Во Берлин мора да има стан под кирија, тоа исто така се трошоци кои се покриваат. Паушалот секоја година на први јануари се дефинира во зависност од животните трошоци, а актуелно изнесува 4.560,59 евра нето.
Канцелариска опрема и трошоци
Годишно во Бундестагот се одржуваат најмалку 20 седници. Во тој период за пратениците важи задолжително присуство. За нивната работа имаат право на целосно опремена канцеларија од 54 метри квадратни, со мебел и компјутери, за нив и нивните соработници. Пратениците исто така може да користат и службено возило само во рамки на Берлин. Освен тоа имаат и бесплатна карта за воз, а им се признаваат и авионските трошоци за патувања поврзани со работата во време на нивниот мандат.
Дополнително, годишно на располагање имаат и до 12.000 евра за канцелариски материјали. Сумата не се исплаќа во кеш, туку може да нарачаат лаптопи, мобилни телефони, пенкала, тефтери или ИТ опрема од централното биро за набавки.
Аферата „Монблан“ во 2009 го стави Бундестагот на насловните страници во медиумите. Над 100 парламентарци си нарачале луксузни налив пера и пенкала од познатата марка „Монблан“ во вредност од 68.000 евра. Тоа беше причина тогашниот претседател на парламентот во 2010 да ја ревидира листата на достапен канцелариски материјал. Од тогаш луксузни производи повеќе не се достапни.
Дополнителни приходи
Во изминатите години постојано имаше „турбуленции“ околу дополнителните приходи на одредени парламентарци. Оној кој покрај пратеничката плата има дополнителни приходи, без разлика дали и во доменот на претходната професија, тоа мора да го пријави кај службите во Бундестагот. Во последниот легислативен период, една третина од пратениците имаа пријавено дополнителни приходи.
Според студијата на Фондацијата Ото-Бренер, која е дел од синдикатот на металопреработувачката индустрија ИГ метал, се покажа дека најголем дел од пратеници со дополнителен ангажман и приходи биле од Либералите, 62%, како и од партиите на Унијата, ЦДУ и ЦСУ, 42%. Четворица пратеници од партиите на Унијата и еден од ФДП пријавиле дополнителен приход од над еден милион евра.