Репортажа на Славица Илиевска Мијалов за успесите на македонските фолклористи и значењето на зачувувањето на традицијата во дијаспората.
Македонската дијаспора во Австрија има уште една причина за гордост. Изминатиот викенд КУД „Св. Кирил и Методиј“ од Линц го освои првото место на фестивалот организиран од КУД „Св. Наум Охридски“ во Цофинген, Швајцарија.
Од друштвото велат дека успехот не дошол случајно.
„Презадоволни сме од резултатот. Наградата беше очекувана затоа што вложивме многу труд во подготовките. Внимававме на секој чекор, секој детаљ и секој дел од кореографијата. На сцената излеговме максимално подготвени и го дадовме најдоброто од себе“, велат членовите на КУД „Св. Кирил и Методиј“ – Линц.
Тие упатија благодарност и до домаќините од КУД „Св. Наум Охридски“ за одличната организација и гостопримството.
Но успехот во Швајцарија беше само продолжение на еден исклучително успешен период за друштвото.
„Везилка“ по трет пат го обедини македонскиот фолклор
На 30 мај во Линц по трет пат се одржа фолклорната манифестација „Везилка“, настан чија главна цел е зачувување, негување и претставување на македонската традиција, како и зближување на Македонците преку фолклорот.











Манифестацијата се одржа под покровителство на Македонското културно друштво „Св. Кирил и Методиј“ – Линц.
Од друштвото упатија благодарност до претседателот Славе Јованов, управниот одбор и кореографот Мартин Марков, кои овозможиле членовите активно да се вклучат во организацијата на настанот.
„Организацијата на ваква манифестација бара многу време, труд и добра координација. Сепак, кога имате тим кој работи сложно и одговорно, резултатите не изостануваат. На крајот сите бевме задоволни од тоа што го постигнавме“, велат организаторите.
Посебна благодарност беше упатена и до женската и машката помошна група на друштвото, кои и оваа година несебично помогнаа во организацијата и угостителството.
Гости од повеќе европски држави
„Везилка“ годинава собра бројни гости и фолклорни ансамбли од различни земји.
Во Линц настапија групи од Македонија, Германија, Швајцарија, Словенија, Италија, Србија и Австрија, меѓу кои:
- КУД „Св. Кирил и Методиј“ – Крањ
- КУД „Св. Наум Охридски“ – Триенген
- МКЦ „Илинден“
- МКД „Руен“ – Кочани
- МКД „Кочо Рацин“ – Копер
- СКД „Млава“ – Линц
- СКД „Никола Тесла“ – Линц
- КУД „Македониум“ – Салцбург
- КУД „Македонка“ – Виена
- КУД „Македонски цвет“ – Италија
Според домаќините, токму овие средби создаваат нови пријателства и ја зајакнуваат поврзаноста меѓу Македонците во дијаспората.
„Неописливо е чувството кога Македонци од различни држави се собираат со една иста цел – зачувување на македонскиот идентитет, јазик и традиција“, велат тие.
Аплауз кој долго ќе се памети
Особено внимание кај публиката предизвикала младинската група на КУД „Св. Кирил и Методиј“, која настапила со нова и исклучително барана кореографија.
„Излегуваш на сцена, пред тебе стотици насмеани лица, а по завршувањето следуваат долги овации и аплаузи. Тоа е чувство кое тешко се опишува со зборови. Во тие моменти ја чувствуваш вистинската магија на музиката и фолклорот“, раскажува една од учесничките.
Фолклорот како мост кон татковината
Од друштвото велат дека најголемата награда се позитивните реакции од публиката и од гостинските ансамбли.
„Овие фестивали се многу важни за нас иселениците. Иако сме далеку од Македонија, преку песната, орото и традицијата остануваме поврзани со нашите корени. Така ја пренесуваме нашата култура и на идните генерации.“
Со успешно организираната „Везилка“ и освоеното прво место во Швајцарија, КУД „Св. Кирил и Методиј“ од Линц уште еднаш покажа дека македонската традиција живее и се негува со истата љубов и посветеност и надвор од границите на Македонија.

