
Македонската дијаспора во Германија уште еднаш покажа солидарност и сплотеност со татковината. Фудбалскиот клуб „Македонија“ од Штутгарт денес одигра пријателски натпревар против клубот „СБ Силенбах“, победувајќи со убедливи 4:0 – но она што беше поважно од резултатот на теренот беше хуманитарниот карактер на настанот
Приходот од натпреварот, вклучително и средствата собрани преку продажба на влезници, храна и пијалаци, ќе биде дониран за семејствата на загинатите и повредените во неодамнешната трагедија што го потресе градот Кочани.
Головите за ФК „Македонија“ ги постигнаа Александар Стоилов (32′), Мирослав Јеремиќ (40′), Нилс Гентер (70′) и Денис Стошиќ (88′). Натпреварот се одигра пред бројна публика, а атмосферата беше исполнета со емоции, хуманост и заедништво.
Од клубот упатија искрена благодарност до сите кои присуствуваа и донираа:
„Ова не беше само натпревар, туку чин на солидарност за жртвите од трагедијата во Кочани. Благодарност до сите што беа дел од оваа мисија“, стои во соопштението од ФК „Македонија“ – Штутгарт
Настанот беше организиран со поддршка на Матицата на иселениците и претставува уште еден пример за тоа како македонската заедница во дијаспората не ја заборава својата татковина и останува активна во помагањето на роднините и сограѓаните во тешки моменти.
Објавата на Матица на Иселеници за овој натпревар од хуманитарен карактер ви ја прикажуваме во целост: