Мигранти во Баварија: Повеќе заминуваат отколку што доаѓаат

Баварија забележа необичен тренд: бројот на мигранти што ја напуштаат покраината го надмина бројот на пристигнати. Според податоците од баварското Министерство за внатрешни работи, повеќе луѓе ја напуштиле државата во првите шест месеци од 2025 година отколку што побарале азил.

Пад на барањата за азил

Од јануари до јуни 2025 година, во Баварија се поднесени 6.556 барања за азил, што е за 58 проценти помалку отколку во истиот период во 2024 година, кога биле регистрирани 15.744 барања.

Прочитајте: Работа во Германија на англиски јазик – како да најдете, колку е платенo и кој има шанса

Во истиот период, регистрирани се 7.780 заминувања на мигранти, и тоа:

  • 6.261 доброволно враќање
  • 1.519 присилни депортации

Ова значи дека повеќе мигранти ја напуштиле Баварија во првите шест месеци отколку што побарале престок.

Министерот Херман: Мерките функционираат

Министерот за внатрешни работи на Баварија, Јоаким Херман (CSU), истакна неколку клучни фактори кои, според него, придонесуваат за овој пресврт:

  • Гранични контроли, особено на автопатот А93 кон Австрија
  • Воведување на Bezahlkarte – картичка за ограничено располагање со средства
  • Зголемени мерки за депортација и охрабрување на доброволно враќање

„Мерките на федералната влада покажуваат ефекти. Граничните контроли и Bezahlkarte веќе придонесуваат за подобра контрола на миграцијата“, изјави Херман за Билд.

Што е со остатокот од Германија?

Иако трендот во Баварија изгледа јасен, сè уште нема потврдени национални податоци што го потврдуваат истиот модел во другите федерални држави. Сепак, според достапните информации, има пад и на ниво на Германија: во првите 5 месеци се поднесени 62.897 барања за азил, во споредба со 112.609 во истиот период минатата година.

Проценките велат дека до крајот на 2025 година, Германија би можела да има вкупно околу 150.000 барања за азил, што би претставувало пад од 40 проценти во споредба со 2024 година. Но, дури и тогаш, таа би останала на врвот на ранг-листата во рамките на ЕУ по бројот на барања.

Товарот сè уште е врз локалните заедници

И покрај намалувањето на бројот, товарот од изминатите години на голем прилив сè уште го чувствуваат голем број градови и општини во Баварија. Сè уште има десетици илјади бегалци во системот, вклучително и оние од Украина.

Херман нагласува дека целта е долгорочна контрола на миграцијата, а не само повремено намалување на бројот на пристапни мигранти.

Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија