Пензиската комисија предлага речиси целосно укинување на „мини-работните места“ (Minijob).
Во иднина, за разлика од сегашниот систем, и вработените ќе мора да плаќаат придонеси за социјално осигурување. Што би значело тоа во пракса?
Пензиската комисија има за цел да го реформира германскиот пензиски систем и предложи вкупно 33 мерки. Една од најголемите промени е укинувањето на Minijob во неговата сегашна форма, што би погодило милиони луѓе во Германија.
Прочитајте: Што се менува во Германија од јули 2026 година?
Што точно ќе се промени?
Според предлогот, Minijob ќе биде укинат во сегашниот облик.
Minijob е форма на ниско платено вработување, најчесто со неколку работни часа неделно. Во моментов, заработката е ограничена на 603 евра месечно, односно 7.236 евра годишно. Максималниот број работни часови индиректно зависи од оваа граница и од важечката минимална плата.
Во моментов:
- вработените речиси воопшто не плаќаат придонеси за социјално осигурување;
- работодавците плаќаат паушален придонес од нешто повеќе од 30 проценти, од кои 15 проценти за пензиско и 13 проценти за здравствено осигурување.
Во споредба со редовно работно место, работодавецот плаќа релативно високи придонеси, додека вработениот речиси ништо.
Тоа треба да се промени.
Посебниот даночен и социјален статус на Minijob ќе биде укинат, а во иднина и овие работници ќе плаќаат придонеси за:
- пензиско осигурување,
- здравствено осигурување,
- осигурување за долготрајна нега.
Исклучок би имале само учениците.
Колку Minijob работници има во Германија?
Според Minijob-Zentrale, во Германија моментално има повеќе од 6,5 милиони лица со Minijob во приватниот сектор.
Покрај тоа, има уште 252.372 лица кои работат во приватни домаќинства според уште поедноставени правила.
Речиси две третини од лицата со Minijob се на возраст од 24 до 64 години.
- 55,9 проценти се жени;
- 18,3 проценти се странски државјани.
Само во првиот квартал биле уплатени:
- 1,3 милијарди евра за пензиско осигурување;
- 1,02 милијарди евра за здравствено осигурување.
Кои се предностите на Minijob?
За вработените:
Бруто-платата практично е еднаква на нето-платата.
Во повеќето случаи не се плаќаат придонеси или тие се многу ниски, па останува повеќе пари отколку кај обично работно место со иста саатница.
Дополнително, Minijob нуди голема флексибилност и лесно се комбинира со:
- студии,
- школување,
- пензија,
- семејни обврски.
За работодавците:
Иако плаќаат релативно високи давачки, Minijob им овозможува многу поголема флексибилност, особено за сезонски работи.
Административната постапка преку Minijob-Zentrale е многу едноставна.
Кои сектори би биле најпогодени?
Најмногу лица со Minijob работат во:
- малопродажба;
- угостителство.
Токму овие сектори најгласно се спротивставуваат на реформата.
Баварското здружение на хотели и ресторани предупреди дека предлогот „не ја одразува реалноста во работењето и би бил катастрофален за угостителската индустрија“.
Работодавците генерално се против укинувањето на Minijob, додека синдикатите во најголем дел го поддржуваат.
Што ќе биде со постојните Minijob договори?
Засега нема конкретни правила.
Не е познато дали сегашните договори автоматски ќе се претворат во редовни работни односи или ќе има преоден период.
Вообичаено, ваквите реформи предвидуваат постепен премин за да не мора веднаш да се менуваат постојните договори.
Што велат експертите?
Според Сојузната агенција за вработување, Minijob претставува проблем бидејќи ги обесхрабрува луѓето да преминат на редовно вработување со целосни придонеси.
Претседателката на агенцијата, Андреа Налес, истакнува дека Германија има една од највисоките стапки на вработеност на жените во Европа, но истовремено жените работат значително помал број часови отколку во другите европски земји.
Според неа, Minijob, слично како и даночниот модел за брачни парови, ги поттикнува луѓето да работат само ограничен број часови.
Истражувачот Улрих Валвај од Институтот за истражување на пазарот на трудот (IAB) уште во 2021 година предупреди дека Minijob е поврзан со:
- ниски плати;
- поголем ризик од сиромаштија;
- намалување на бројот на редовни работни места.
Тој додава дека нема доволно докази дека Minijob претставува „мост“ кон редовно вработување.
Каков е ставот на политичките партии?
- AfD сака дополнително да ги прошири Minijob работните места.
- SPD, Левица и Зелените се залагаат за нивно укинување.
- Во CDU/CSU има поделени мислења, но во последно време сè повеќе членови поддржуваат укинување.
Кога би можела да стапи во сила реформата?
Канцеларот Фридрих Мерц и министерката за труд Бербел Бас најавија дека сакаат целосно да ги спроведат препораките на Пензиската комисија.
„Сите елементи од овој пакет реформи мора што побрзо да се спроведат“, изјави Мерц по претставувањето на извештајот во Берлин.
Тој нагласи дека коалицијата нема намера да избира само поединечни мерки, туку сака да го реализира целиот пакет.
Сепак, постојат несогласувања меѓу CDU/CSU и SPD околу роковите.
Мерц предупреди дека реформата веќе доцни и дека целта е Бундестагот да донесе одлука уште оваа есен.
Од друга страна, SPD смета дека реформата е исклучително сложена, бидејќи ќе треба да се изменат повеќе закони, па затоа деталната подготовка ќе бара дополнително време.
Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.

