Најдобрите места за живеење во Италија

Ако сакате да се преселите во Италија, едно од најважните прашања кои треба да си ги поставите пред да го спакувате куферот, е каде поточно сакате да живеете. Целата територија на Италија изобилува со убавини и прекрасни градови, а ако пред да заминете немате најдено работа, ниту пак имате роднини кои живеат во оваа земја, тогаш изборот е голем.

Северна Италија
(Емилија-Ромања, Фурланија-Јулиска краина, Лигурија, Ломбардија, Пиемонт, Трентино-Јужен Тирол, Аостинска Долина и Венето)

Аостинската Долина е во близина на Франција и Швајцарија, и е област каде се зборува италијански и француски. Регионите Пиемонт и Лигурија се долж границата со Франција, Фурланија е во близина на Словенија, додека пак Трентино-Јужен Тирол е област која некогаш беше дел од Австрија. Во овие области, италијанското влијание е помало за разлика од другиот дел од Италија. Ако сте во потрага по класичен италијански начин на живот, тука нема да го најдете.
Во Пиемонт, Ломбардија и Венето, веќе ќе го почувствувате шмекот на Италија. По долината на реката Po виното е одлично, но зимите најчесто се магличави, а времето може да биде многу топло и влажно. Езерата Комо и Гарда во Ломбардија, се екстремно популарни места за живеење, каде цената имот може да биде прилично висока. За да живеете во „градот на каналите“, Венеција, ќе ви треба исто така подлабок џеб. Но, ако не можете да си дозволите живот во овој дел од Италија, секогаш ќе можете барем да го посетите, затоа што навистина има многу што да понуди.
Големите градови како Торино, Милано и Болоња, се типични европски метрополи. Големи градови со многу жители од најразлични националности и култури, каде секогаш има поголеми шанси за наоѓање работа. Во овие градови најчесто луѓето живеат во изнајмени станови, но доколку сакате да купите свое живеалиште, областа Емилија-Ромања нуди одлични локации опкружени со планини и море.

Средна Италија
(Лацио, Марке, Тоскана, Умбрија, Абруцо)

Умбрија веќе подолго време на странците им е омилено место за живеење. Богата е со прекрасни пејсажи и е вистинска разгледница на Италија. Се наоѓа во централниот дел на земјата, а се граничи со Марке, Тоскана, Лацио и Абруцо. Абруцо е еден од помалку познатите региони на Италија, но сè повеќе станува популарна област за живеење. Лацио, исто така, има многу што да понуди. Имајќи го Рим на својата територија, високите планини на исток, плодните земји на југ и морскиот брег на запад, Лацио е една од најубавите области во оваа земја. Тоскана пак, секогаш е привлечна за многу туристи и е вистински музеј. Позната е во средновековната архитектура, историски споменици, но и по многуте лозови насади.

Јужна Италија
(Базиликата, Калабрија, Кампанија, Молизе, Пуља, Сардинија, Сицилија)

Овој дел од земјата е исто така познат под името „Mezzogiorno“ и се смета за малку проблематичен дел од Италија кога е во прашање воспоставување ред и почитување на законите. Па така, постојат делови од Неапол, Палермо и јужна Калабрија, каде не би сакале да живеете. Секако, постојат многу можности најдете нов дом токму во некоја од овие области.
Кампанија е дом на градот Неапол. Самиот град нуди малку можност за купување на имот, но селата кон Авелино се навистина прекрасни и токму таму ќе најдете голем број доселеници. Исто така, во областа Молизе можете да купите куќа за многу разумна цена. Имено, оваа мала област на источниот брег, била практично непозната до пред некое време. Но, неколку агенции препознале потенцијал во овој регион и започнале маркетинг со кој овој дел од Италија почнал да заживува. Базиликата е најмалку населен регион и е познат како сиромашен дел од Италија. Иако е многу тешко да најдете работа во овој дел од земјата, сепак можете да купите имот по пристапни цени.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија