На ЕУ ѝ требаат и ниско квалификувани работници

Денес, 28 април, Европскиот парламент ќе ја изгласа Резолуцијата за правата на работниците во домаќинствата во Европската унија. Ова може да биде историски чекор кон еднакви права за оваа категорија работници, смета професорката Ана Тријандафилиду, претседателка на GGP (Global Governance Programme).

Статистичките податоци на Европската унија покажуваат дека странците главно бараат работа како ниско квалификуваните работници, најчесто во угостителството, земјоделството и одржување на хигиената. Добар дел од оние кои работат во овие сектори се доселеници од земји кои не се членки на ЕУ. Потребата од вакви работници кои ќе работат во домаќинствата, навистина значително се прошири во текот на последната деценија, особено во Шведска, Велика Британија и Белгија, но, исто така и во Финска, Франција, Грција, Италија и Шпанија. Сепак, и покрај зголемената побарувачка, сè уште е тешко законски да се ангажираат странски работници кои доаѓаат надвор од ЕУ.

Постојат два главни пречки за ова: Прво, овој сектор во поголем дел од земјите е слабо регулиран. Работниците во домаќинствата немаат законски утврдена правна заштита во земјите како што се Грција, Велика Британија, Данска, Шпанија и Холандија. Во Полска дури оваа работа е ставена во делот на „лични услуги“. Од друга страна, Италија, Австрија, Белгија, Франција, Португалија и Шведска се позитивни примери каде вработувањето во домаќинствата се уредени со посебни колективни договори.

Втора пречка се националните политики кои често создаваат законски пречки за преземање работна сила од странство. Во земјите како што се Данска, Финска, Холандија и Германија, домаќинствата не смеат да вработат странец. Во други земји, како што се Белгија, Франција и Шпанија, можно е во теорија, но ова е неизводливо поради строгата законска регулатива. Имено, семејствата во овие земји мораат најпрво да докажат дека не постојат државјани или мигранти кои веќе престојуваат во земјата, а кои би можеле да ја преземат конкретната работа.

Со фокусирањето само на олеснување на миграцијата на високо-квалификувани работници, се пропушти една важна категорија на работници, кои веќе се дел од европското општество, без разлика дали тие се признати или не. Од таа причина, Европскиот парламент ќе донесе Резолуција која ќе биде вистинската насока кон признавање на правата на овие работници, смета Тријандафилиду.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија