Советот на Европска Унија денес донесе нови препораки за патување во земјите членки на унијата кои ќе важат од почетокот на идниот месец односно 1 февруари
Се препорачува да се применат мерки против коронавирусот земајќи го предвид индивидуалниот статус наместо состојбата на регионално ниво, со исклучок на областите каде што вирусот циркулира на многу високо ниво.
Советот на ЕУ усвои препорака за „координиран пристап“ за да се овозможи безбедно движење за време на пандемијата на корона вирусот.
– Ова значи дека вакцинацијата, тестирањето или статусот на прележан од ковид-19, како што е потврдено со валиден дигитален сертификат на ЕУ за ковид, треба да биде клучна одредница.
Пристапот заснован на личноста значително ќе ги поедностави правилата и ќе обезбеди дополнителна јасност и предвидливост на патниците, вели Советот.
Како што е наведено, оваа препорака ќе започне со примена на 1 февруари 2022 година, од кога рокот на важност на сертификатот за ковид ќе се ограничи на 270 дена.
Валиден дигитален сертификат за ковид вклучува: Сертификат за вакцинација со вакцина одобрена на европско ниво доколку поминале најмалку 14 дена и не повеќе од 270 дена од последната доза од примарната серија на вакцинација или ако лицето примило бустер доза.
– Земјите-членки би можеле да прифатат и сертификати за вакцинација за вакцини одобрени од националните власти или СЗО – се наведува во препораките на Советот.
Негативен резултат од ПСР тест добиен не повеќе од 72 часа пред патувањето или негативен брз антигенски тест добиен не повеќе од 24 часа пред патувањето.
Потврда за прележан вирус што покажува дека не поминале повеќе од 180 дена од датумот на првиот позитивен резултат од тестот.
Од лицата кои немаат дигитален ЕУ-сертификат за ковид може да се бара да се подложат на тест пред или најдоцна 24 часа по пристигнувањето. Децата под 12-годишна возраст, како и патниците со суштинска причина за патување, се изземени од ова правило.
Како што беше кажано, ЕУ ќе продолжи да ја оценува состојбата во регионите, а таканаречениот механизам ,,Итна сопирачка” е задржан во случај на нови варијанти или зголемена загриженост за ширење на вирусот.
Препораките на Советот не се правно обврзувачки, така што органите на земјите-членки треба да одлучат за нивната имплементација.