Овие земји ги отвораат вратите за вакцинираните туристи. Дали и другите ќе го следат нивниот пример?

Сејшелите и Романија повторно ги отворија вратите за посетители што примиле две дози одобрена вакцина против Ковид-19.

Исланд, исто така, планира да се откаже од правилата за карантин за посетителите со меѓународен сертификат за вакцини (тоа веќе го прави за патниците што можат да докажат дека претходно го прележале вирусот). Земјата треба да го финализира системот за Исланѓани што биле целосно вакцинирани да добијат сертификат за вакцинација. Сепак, нема објавено таков документ за луѓе што се вакцинирале во Велика Британија, иако „Телеграф“ пишува дека британската влада финансира осум шеми за пасоши за вакцини.

Објавата од Сејшелите следуваше по почетокот на вакцинацијата: таа планира да стане првата земја што ќе имунизира повеќе од 70 отсто од населението под 18 години.

– Оттаму ќе можеме да ги прогласиме Сејшелите за ковид-безбедни –  рече претседателот на Република Сејшели, Вавел Рамкалаван.

Меѓународните посетители се од витално значење за економијата на Сејшелите. Придонесот што го носат патувањата и туризмот во БДП на Сејшелите е околу 65 отсто.

И Романија ги наведе своите економски причини за отворање на вратите на земјата за вакцинираните посетители. националниот комитет за вонредни состојби на земјата соопшти дека луѓето што доаѓаат од земји или области со висок ризик или стапиле во директен контакт со некој што бил позитивен на Ковид-19, се изземени од карантинските мерки доколку се целосно вакцинирани. Од комитетот соопштија дека оваа одлука е донесена врз основа на трендот на опаѓање на инфекциите во Романија.

Во декември и Кипар објави план за откажување од барањата за тестирање за посетители што биле вакцинирани, што ја прави првата дестинација што прецизира дека имунизираните патници нема да треба да исполнуваат други правила за влез. Сепак, министерството за здравство на земјата допрва треба да потврди дали ова ќе продолжи, како што беше планирано во март.

И другите земји направија чекори кон овозможување неограничен или помалку ограничен влез на оние што се вакцинирани против вирусот. Членките на Европската Унија лобираат за „пасош за вакцинација“, а Брисел даде примарна поддршка на идејата. Другите земји, на пример, Израел, имаат цврсти планови да лансираат таков пасош.

Кои други земји може да ги отворат границите за имунизираните туристи? Врз основа на распоредот на вакцинација, економската зависност од туризмот и поддршката за пасошите за вакцини, тоа би биле овие земји:

Грција

Земјите на ЕУ треба да усвојат „стандардизиран“ сертификат за вакцинација со цел да ги зголемат патувањата, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во писмото до шефот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Мицотакис рече дека луѓето што биле вакцинирани треба да можат слободно да патуваат.

– Итно е да се донесе заедничко разбирање за тоа како треба да се структурира потврдата за вакцинација, така што ќе биде прифатена во сите земји-членки – рече тој, повикувајќи на стандардизиран сертификат што ќе докаже дека некое лице е успешно вакцинирано.

Обединети Арапски Емирати

Обединетите Арапски Емирати се на второто место во светската трка за имунизација на населението; администрирани се 25,9 дози на ковид-вакцини на 100 лица.

Во меѓувреме, ОАЕ има лиценца за вакцината „Синофарм“, која може да ја произведе наместо да ја увезува. Почна да донира дози на други, помалку развиени земји: 50.000 беа доставени до Сејшелите.

Дубаи специјално сакаше да ги пречека туристите во 2020 година, отворајќи се во јули и дозволувајќи влез со краток карантин и негативен ковид-тест. Оттогаш, ова е променето со негативен ковид-тест направен не повеќе од 96 часа пред поаѓањето. Придонесот на патувањето и туризмот во економијата на ОАЕ е 10 отсто.

Неодамна, авиокомпанија од ОАЕ лансира пасош за вакцина. Во партнерство со Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт, „Емиратите“ се една од првите авиокомпании во светот што го следи „IATA Travel Pass“, кој доаѓа во форма на мобилна апликација. Тоа ќе им овозможи на патниците да создадат дигитален пасош за да го потврдат нивниот ковид-тест пред патувањето или вакцинирањето.

Израел

Израел е пофален затоа што ја почна најбрзата програма за вакцинирање во светот. Поделени се околу 44,8 дози на 100 лица. Ова го става израелскиот систем за имунизација далеку пред оној на ОАЕ, кој моментално е втор на табелата. Израелското министерство за здравство има цел да вакцинира 5,2 милиони од своите 8 милиони граѓани до март.

Минатата недела министерството објави „зелена брошура“ како форма на сертификација за вакцинација. Овој документ, еден вид  пасош за имунитет, ќе им биде даден на луѓе што ги примиле двете дози. Земјата размислува за две форми на пасошот за вакцина: една што ќе важи 72 часа по негативниот резултат од ковид-тестот и друга што ќе биде трајна за оние што ја примиле првата доза од вакцината.

На веб-страницата на министерството се вели дека оние што го поседуваат овој документ ќе имаат „право на релаксирани ограничувања на дестинациите низ светот“.

Шпанија

Друга земја зависна од туризмот е Шпанија и е меѓу ЕУ-членките што го поддржуваат сертификатот за вакцина.

Минатиот месец министерот за здравство Салвадор Ила рече дека Шпанија ќе создаде регистар за вакцинација што ќе ги следи луѓето што одбиваат вакцина против Ковид-19, што ќе создаде документ кој може да се сподели со другите земји во Европа.

– Она што ќе го имаме е регистар кој ќе биде споделен со нашите европски партнери, составен од луѓе на кои им беше понудена вакцината, а ја одбиле. Документот нема да биде јавен и тоа ќе биде направено со најголема почит кон законодавството за заштита на податоците – изјави тој.

Шпанија досега испорача 2,6 дози на вакцини на 100 лица, што е на исто ниво или пред повеќето други земји во ЕУ.

Естонија, Данска и Полска

Во октомври Естонија потпиша договор со Светската здравствена организација (СЗО) за развој на дигитален сертификат за имунизација што ќе овозможи прекугранична размена на информации за вакцинација. Естонскиот премиер Јури Ратас на „Твитер“ изјави дека ја поканил Финска да учествува во шемата. Естонија досега спроведе 1,9 дози на вакцината на 100 лица.

Данска соопшти дека ќе го разгледа развивањето на сертификат за вакцина со цел да се олеснат ограничувањата на патувањето и слободата на движење. Данска има спроведено 3,6 дози на вакцината на 100 лица.

Полска, каде што патувањата и туризмот придонесуваат околу 4,5 отсто во БДП, неодамна најави воведување пасоши за вакцини. Заменик-министерот за здравство на земјата, Ана Гожавска, рече дека полските државјани ќе имаат пристап до сертифат во форма на QR-код што може да се преземе откако ќе ја добијат втората доза на вакцината. Кодот ќе му овозможи на примателот „да ги користи правата што ќе ги имаат вакцинираните лица“. Досега Полска администрира 1,3 дози на вакцина на 100 лица.

Унгарија

Унгарската влада соопшти дека може да побара од посетителите да го докажат статусот на вакцинација за да добијат пристап до земјата преку апликација што покажува имунитет на Ковид-19.

– Потребата граѓаните да обезбедат доказ дека добиле заштита од коронавирусот се зголемува насекаде низ светот – рече владиниот портпарол.
Во Унгарија се администрирани 1,6 дози на вакцини на 100 лица. Министерот за надворешни работи на земјата, Петер Сијарто, ја критикуваше Европската комисија поради бавните процедури за вакцинирање.

Белгија

Белгија администрира 1,5 дози на 100 лица, а владата соопшти дека поддржува сертификат за вакцинација за Ковид-19 што ќе биде признат низ ЕУ, па дури и на глобално ниво.

Регулаторот на оваа земја е против база на податоци за вакцинација. Како што вели регулаторот, дадената цел за чување на такви податоци и начинот на нивното споделување се нејасни, а властите ќе ги држат податоците премногу долго.

Регулаторот рече дека таквата база на податоци несомнено претставува значително мешање во правото на заштита на личните податоци. Ова го повтори и шефот на заштита на податоците на ЕУ, Војчех Вјевуровски, кој во 2020 година рече дека идејата за пасош за имунитет е екстремна.
Извор: Telegraph.co.uk

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија