РАЗВОД ВО ГЕРМАНИЈА

Ако размислувате за развод, има многу закони и прописи што треба да ги земете предвид. Разводот вклучува комплициран правен процес во Германија – што значи дека има клучни точки што треба да се разгледаат и различни прашања што треба да се решат пред разводот да биде официјален. Овде ќе најдете се што треба да знаете за процесот на развод во Германија.

Кога можам да се разведам?

Со цел да се спречат паровите предвреме да го прекинат бракот, во Германија постои таканаречена „година на разделување“ („Trennungsjahr“) низ која паровите мора да поминат пред официјално да се разведат; т.е. не можете да бидете разведени додека не живеете одвоено од вашиот сопружник најмалку една година.

Сепак, постојат исклучоци од ова општо правило:

  • Ако не може да се очекува да чекате една година, вашиот развод може да се случи побрзо. Може да бидете ослободени од годината на разделување, на пример, ако вашиот сопружник често бил насилен кон вас, или ако вие или вашиот партнер неколку месеци сте живееле во вонбрачна заедница со друг партнер или кога некој од вас очекува дете од надвор од вашиот брак.
  • Ако вашиот партнер не се согласи на развод и презентира валидни причини зошто вашиот брак може да опстои, треба да живеете одвоено три (наместо само една) години пред да можете официјално да се разведете.

Мора да докажете дека навистина сте живееле одвоено една (или три) година(и). Годината на разделба започнува веднаш откако парот ќе се раздели економски и физички, односно кога вашите банкарски сметки веќе не се заеднички и кога веќе не живеете во истиот стан. Ако не е возможно да се иселите, а сепак треба да живеете заедно во текот на годината на разделување, мора да имате посебни спални соби и да живеете независно еден од друг. Доколку вашиот партнер не се согласува со разделбата, се препорачува да му испратите препорачано писмо („Einschreiben“) во кое ќе ја соопштите вашата одлука за развод и да ја чувате поштенската сметка.

Важно: Може да поднесете барање за развод непосредно пред крајот на годината(ите) на разделување, бидејќи обично се потребни неколку месеци пред судот да издаде декрет за развод.

Како можам да поднесам барање за развод?

Барањето за развод мора да се поднесе во Семејниот суд во вашето место на живеење или во местото на живеење на вашиот партнер. Меѓутоа, не можете лично да го поднесете барањето, бидејќи од вас се бара да бидете застапувани на суд од страна на адвокат („Anwaltzwang“). Со други зборови, мора да ангажирате адвокат кој може да го поднесе вашето барање до судот. Списокот на нашите адвокати можете да го најдете тука:

Ве молам имајте предвид: Доволно е ако еден од партнерите ангажира адвокат да поднесе барање за развод до Семејниот суд. Потоа судот ќе ја извести другата страна за барањето и тие ќе можат да одлучат дали се согласуваат. Можно е и двајцата партнери да поднесат барање за развод, но во овој случај и двајцата сопружници мора да поднесат барање во иста адвокатска канцеларија.

Кои трошоци треба да ги очекувам?

Во постапката за развод, судските и адвокатските трошоци треба да ги покрие двојката. Судските такси обично изнесуваат 450-800 евра; т.е. вие и вашиот партнер мора да платите помеѓу 225 и 400 евра.

За да поднесете барање за развод во семеен суд, потребен ви е и адвокат. Во случај да има многу отворени прашања за кои не можете да се договорите надвор од судот, вашиот адвокат може да ви помогне да го најдете најдоброто можно решение за двајцата. Ако немате адвокат додека вашиот партнер има, во крајна линија, судските одлуки можеби нема да бидат во ваша корист кога станува збор за финансиските прашања и правата на старателство.

Услугите на адвокатот за развод чинат во просек од 1.500 до 2.000 евра. Доколку дојде до спор меѓу партнерите, трошоците соодветно растат. При изборот на адвокат, погрижете се тој да е специјализиран за семејно и разводно право. Ако сте стекнале право на престој преку брак, може да биде корисно да ангажирате адвокат кој е запознаен со темите на правото на престој и меѓународното право.

Ако имате мал или никаков приход, можете да аплицирате за државна помош за покривање на вашите правни трошоци („Verfahrenskostenhilfe“).

Каков е процесот на развод?

Првиот чекор е да се ангажира адвокат кој може да поднесе барање за развод до судот. Семејниот суд ја разгледува вашата апликација и ја испраќа до вашиот партнер барајќи одговор. Во исто време, судот ќе ви испрати вам и на вашиот партнер некои формулари што мора да ги пополните, за да ги провери вашите пензиски права и да го пресмета износот на пензиските права што мора да се пренесат. Процесот на пресметка може да потрае и до шест месеци. Кога сè ќе се реши, судот ќе ви даде датум за официјален развод.

Вие, вашиот сопружник и вашите адвокати мора да бидете присутни во Семејниот суд на наведениот датум. Вие и вашиот сопружник мора да ги приложите вашите лични карти, пасоши и (ако постои) семејната книга. Ако сте се венчале во Германија, можете да побарате копија од вашиот семеен регистар од надлежната канцеларија за матични книги (“Standesamt”). Седниците на Семејниот суд не се јавни, што значи дека гостите не смеат да влезат во судницата. Судот ќе ги реши сите отворени прашања меѓу вас и потоа официјално ќе ве прогласи за разведени; т.е. ви издава „пресуда за развод“ („Scheidungsbeschluss“).

Должината на процесот на развод зависи од должината на вашиот брак, како и од вашето богатство. Во принцип, ако вие и вашиот сопружник се согласувате за сите прашања, не сте многу богати и не сте долго во брак, можете да очекувате најмалку четири до шест месеци пред официјално да го раскинете бракот. Ако има спорови за имот, издршка или старателство, или ако сте во брак долго време, процесот на развод може да потрае една година или повеќе.

Може ли да ја изгубам дозволата за престој поради развод?

Ако сте добиле дозвола за престој врз основа на брак, може да го изгубите правото на престој по разводот. Ако сте дошле во Германија преку обединување на семејството и не сте поднеле барање за семеен азил, вашата дозвола за престој зависи од продолжувањето на вашиот брак.

Ова е случај и ако вашиот брак е единствената причина поради која сте добиле дозвола за престој во Германија. Овде одлучувачки фактор е должината на вашиот брак: ако сте во брак повеќе од три години, дозволата за престој ќе ви биде обновена уште една година по разводот. По една година, можете самостојно да аплицирате за право на престој во Германија.

Ако сте во брак помалку од три години, вашата дозвола за престој обично нема да биде продолжена, а честопати дури и ќе се скрати ако се разделите од вашиот сопружник. Со други зборови, Канцеларијата за имиграција може да побара од вас да ја напуштите Германија по официјалниот развод.

Сепак, можете да поднесете жалба против намалувањето на вашата оригинална дозвола за престој. За да го направите ова, треба навреме да ангажирате адвокат.

Во одредени околности, вашата дозвола за престој ќе биде обновена дури и по помалку од три години брак:

  • Ако вие и вашиот партнер имате дете, го делите старателството, имате редовен контакт со детето и (идеално) го обезбедувате финансиски, вашата дозвола за престој обично ќе биде продолжена и покрај разводот.
  • Ако го прекинете бракот затоа што сте биле жртва на семејно насилство, вашата дозвола за престој обично ќе биде продолжена. Секоја постоечка кривична пријава против вашиот партнер или изјави од засолништето за жени во кое сте морале да се преселите се сметаат за валиден доказ во овој случај.
  • Кога одземањето на вашата дозвола за престој значи дека треба да се вратите во земјата каде што сте изложени на ризик, вашата дозвола за престој во принцип ќе биде продолжена.
  • Во некои случаи, можно е и продолжување на дозволата за престој по разводот ако сте квалификуван работник или приправник („Ausbildung“).

Што значи поништување на бракот („Aufhebung der Ehe“)?

Поништувањето на бракот не е исто што и разводот. Доколку се поништи, бракот се раскинува со судска одлука бидејќи не е регистриран според прописите за брак во Германија. Бракот може да се поништи кога:

  • тоа се случило и покрај забраната за брак.
  • еден од партнерите не бил законски способен да склучи брачен договор за време на бракот.
  • еден од партнерите не бил полнолетен за време на бракот.
  • бракот е резултат на измама или закана.
  • бракот е таканаречен „брак на интерес (“Scheinehe”).

Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија

Приклучете се на БАРМЕР, надоброто здравствено осигурување во Германија